1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кој (се‘) ја претставува Македонија во странство?

Деновиве почнува уште една смена во 40-тината македонски амбасади и конзулати. Изборот и нивната домашна промоција ги отвори дилемите: кој ја преставува Македонија во странство и како се регрутираат дипломатите?

default

Македонската амбасада во Берлин

„Професионален дипломат е поим за обучени кадри од и во меѓународната политика, а вработен во МНР е сосема друга работа. Ние пративме вработени во министерството како амбасадори и затоа ни се случува да бидеме најниско третирани во контактите со официјалните претставници во земјите каде сме претставени, надвор од протоколите што важат во официјалните дипломатски релации меќу две земји,“ вели Слободан Чашуле, поранешен министер за надворешни работи.

Дипломатијата е осакатена од личните наддавања

И последната масовна ротација ги покажа сите недоследности, од подоготовки до кадровските решенија, да се негува принципот на избор на дипломати од кариера, со искуство во меѓународните комуникации, дипломатското однесување. Заминаа најмладиот амбасадор со нецели 30 години старост, преземен од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов. Неговиот избор официјална Тирана го доживеа како деградација на напорите за активна политика на добрососедство, што го предизвика и албанскиот претседател и тамошното МНР долго да тактизираат со агреманот.

Gjorge Ivanov Präsident Mazedonien zu Besuch in Berlin

Највозрасен меѓу македонските амбасадори, политички најискусен и личност со особена креативност е режисерот Љубиша Георгиевски. Тој беше кандидат за претседателските избори во 1994-та, потоа амбасадор во Софија, па спикер по парламентарните избори 2006 гоина и победата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Нашата дипломатија е осакатена од личните наддавања кој ќе инсталира свои лични кадровски решенија и кои ќе водат лична дипломатија за потребите на владејачките сили“, оценува Чашуле.

Млади и неискусни кадри без обука

Јавните промоции на идните амбасадори предизвикаа остри реакции меѓу опозиционерите и дел од медиумите, почнувајки од анти-НАТО ставовите на Мартин Треневски, кој заминува во Алијансата и што ги испровоцира и официјалните барања на Стејт департментот за дообјаснувања од македонската влада. Актуелната опозиција упати остри критики за изборот на Утевска-Глигоровска, која е одредена за амбасадор во Германија, користејќи при тоа и лични дискфалификации дека направила вртоглава кариера, од лична секретарка во Берлин, шеф на кабинетот на миниситерот Милошоски, а сега се враќа како прв дипломат во највлијателната земја од ЕУ.

„Праќаме партиски кадри, млади и неискусни, кои не ја поминале ниту потребната обука во министерството за надворешни работи“, оценува Нано Ружин, универзитетски професор и 6 години амабасадор во НАТО. Таму беше акредитиран од владата на Љубчо Георгиевски, иако беше висок партиски функционер на СДСМ. По неговата номинација социјалдемократите го исклучија од партиските редови, но подоцна председателот Бранко Црвенковски добро кохабитираше со него. Таква судбина не доживеа и Благоја Ханџиски, кој од највисок партиски функционер во СДСМ беше испратен во Грција, а оваа актуелна власт му го продолжуваше мандатот и сега е прекомандуван во Бугарија. Идентична судбина го следи и амбасадорот Ѓорѓи Филипов, кој во Германија замина како решение на СДСМ, но од есенва ќе биде ротиран во Австрија.

Slobodan Casule Aussenminister Mazedonien 2001 bis 2002

Слободан Чашуле, поранешен министер за надворешни работи на Македонија

„Мислам дека нашите амбасадори треба да бидат професионалци, кои ќе ги застапуваат нашите евроатлантски приоритети“, истакнува професорот Ружин.

Скандал до скандал и пресметки

Се паметат и скандалите или политичките пресметки во претходните изборни циклуси за амбасадори. Поради пијанство од Швајцарија е вратен Алајдин Демири, а поради наводни финансиски малверзации слична судбина имаше и Махмуд Ибраими. Забележани се и физичката преметка во амбасадата во Хаг, додека со неа раководеше Добринка Тасковска, која од универзитетски професор веднаш беше промовирана во амбасадор во Холандија. Иако беа македонски претставници во странство, амбасадорите во Лондон, Ѓорѓи Спасов и Љупчо Јордановски од Вашингтон си дозволија луксуз меѓусебе да полемизираат, во македонскиот печат, околу партиските и лични потенцијалите на екс-премиерот Владо Бучковски, кој кус период беше и лидер на СДСМ. Претседателот Бранко Црвенковски, на крајот од својот мандат, беше принуден под притисок на премиерот Никола Груевски, експресно да го врати Јордановски, што наиде на тивок демарш од Вашингтон, додека амбасадорот Спасов се спаси и го заврши престојот во кралството.

Неопитни и неискусни луѓе на клучни позиции

„Сметам дека испраќањето неискусни личности, кои не се формирани ниту како личности со карактер и интегритет е грешка, неискусни луѓе кои не ја сфаќаат комплексноста на меѓунрадоната позиција на Македонија“, кажа за Дојче веле поранешниот шеф на дипломатијата во владата на Герогиевски-Васил Тупурковски.

Слободан Чашуле уште вели дека деликатните преговори околу името, во еден период, ги воделе неопитни луѓе, без познавање на вештините на тајната дипломатија и умешност да се спротивставуваат на грчката агресивна политика околу решенијата на деценискиот спор.

Mazedonien Politik Nano Ruzin 2

Нано Ружин, екс-амбасадор на Македонија во НАТО

Анегдотски се прекажува дека македонскиот амбасадор во Полска, пред 5 години, на прием во претседателската резиденција во Варшава, бил без вратоврска, велат извори во МНР. Генералниот конзул замина во Њујорк, на почетокот од оваа декада, без да знае дека нов претседател на САД е Џорџ Буш јуниор.

Потребна е дипломатска школа

Во Скопје нема верификувана дипломатска школа, ако се изземе неколкумесечниот престој во МНР пред да се замине во дипломатска мисија. Сега е поважно да си партиски лојален кадар одошто да се владеат вештините на меѓународната политика и дипломатија, вели Нано Ружин.

„Кога се сеќавате дека некој наш амбасадор напишал нешто во странски весници или кажал нешто на меѓународен собир во земјата каде ја преставува Македонија“, прашува Ружин.

Не постои практика амбасадорите, по враќањето во земјата, да остават некоја лична студија, транскрипт или анализа, што може да користи во обуката на идните генерации, вели пензионираниот амбасадор Благоја Зашов.

„Сега ја чувствувам потребата да пишувам студии, статии или анализи од мојот дипломатски ангажман, особено по истражувањата на архивите во Романија околу статусот и движењето на Власите во регионот и посебно кон Македонија“, оценува Зашов. Тој е еден од последните дипломати од југо-екипата која се стави на располагање по самостојноста, се вратија од Белград , а потоа станаа првата група на амбасадори од кариера.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска