1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој се плаши од Енахда?

Победникот на изборите во Тунис е исламистичката партија Енахда. Дали граѓаните кои сакаа слобода и демократија намерно одбраа исламистичка партија и какви последици може тоа да има за развојот на земјата?

default

Што ќе изнедри туниската револуција?

Претседателот на Енахда, Рашид Ганучи, веќе сега манифестира задоволство од изборите. „Арапската пролет повторно живее и тоа не во деструктивен смисол на зборот, имено за да собори некој диктатор, туку конструктивно, за да изгради нов, демократски систем“. Според Ганучи, изборите не донеле победа само за неговото движење, туку и општо за демократијата во земјата.

Tunesien Wahlen

Лидерот на исламистичкото движење Рашид Ганучи

Тие имено беа добро организирани, минаа без поголеми проблеми, беа слободни и фер, потврдуваат и меѓународните набљудувачи. Еден од нив беше и Михаел Галер, кој е посебно фасциниран од фактот што пред гласачките кутии се појавија дури 90% од граѓаните со право на глас. За некои од нив ова беше дури прво демократско изјаснување, бидејќи на претходните монтирани избори од ерата на Бен Али не ни излегувале да гласаат.

Исламска демократија?

Во меѓувреме експертите се прашуваат каде оди Тунис и каква порака носи фактот што Тунежаните, кои се стремат кон слобода и демократија, избраа исламистичко движење како највлијателна партија во новото собрание?

Победата на Енхада движењето прво не е изненадување. Тоа беше забрането во времето на диктаторот Бен Али, неговите припадници беа во затвор, а други мораа да живеат во политички егзил, слично како и лидерот на движењето Ганучи. Значи, голем дел од граѓаните кои го дадоа гласот за Енхада сметаа дека на тој начин ќе можат да бидат сигурни дека во новата власт нема да им се прошверцуваат припадници на стариот режим, оценува Елизабет Браун, раководителка на германската фондација Фридрих Еберт за Тунис.

Освен тоа припадниците на Енхада во изборната кампања се чини дека успеаја најдобро да ги посредуваат вредностите, по кои туниското население копнее, имено морал и сигурност.

Wahlen Anhänger der Ennahda-Partei in Tunesien

Приврзаници на Енхада движењето

Таквиот копнеж е сосема разбирлив по 23 години репресија, корупција и полициска држава.

Или теократска држава?

Следното прашање, со кое се соочува меѓународната јавност, е дали Тунис ќе стане религиозна држава? Експертите сметаат дека таквото сценарио не е веројатно.

Прво, исламистичкото движење Енахда не го избраа мнозинството граѓани. Најголемиот број од нив гласаа сепак за секуларните партии и движења, но нив ги има повеќе и затоа не се пред Енахда во вкупниот резултат. Освен тоа лидерот Ганучи постојано порачуваше дека Енахда по суштинските прашања ќе се залага за либерални решенија. Така тој се изјасни против воведувањето забрана за конзумирање алкохол, што го бараат конзервативните исламистички струи во земјата. Ганучи позициите на Енахда најрадо ги споредува со оние на турската владеачка партија АКП на премиерот Реџеп Таип Ердоган.  Исто така дел од гласачите и ја дадоа доеврбата на Енахда затоа што таа е исламистичка партија и затоа што не сакаа да се решат за анти-религиозен систем, каков што имаше за време на владеењето на Бен Али.

Реакција на насилниот секуларизам

Основачот на државата Хабиб Бургиба имено беше против религијата. Тој ја сметаше шамијата за „одвратна“ и од разни аспекти беше противник на исламската традиција.

Неговиот наследник Бен Али го продолжи таквиот курс, само што земјата ја внесе во вистинска диктатура со „западна фасада“, бидејќи жените во неговата ера беа рамноправни, а носењето шамии забрането. При тоа мора да се нагласи дека Тунис е длабоко поделена земја.

Wahlen in Tunesien

Фер и демократски избори, за многумина први во животот

Секуларната елита на земјата живее на морскиот брег, додека во внатрешноста живее традиционално ориентираното мнозинство. Дел од партиите воопшто не успеаја да воспостават контакт со населението од внатрешноста, што пак одлично и’ појде од рака на Енахда.

Внатрешни струи

Елизабет Браун меѓутоа предупредува дека и самото движење Енахда има внатрешни противречности. Некои од струите во него се многу поконзервативни од сегашното раководство и постојат индиции дека ним се’ повеќе им поаѓа од рака да се пробијат нагоре во внатрепартиската хиерархија. Затоа треба подолгорочно набљудување, за да може да се види во која насока ќе се движи внатрепартиската динамика.

На тоа во голема мера ќе влијае и изборот на коалиционите партнери, со кои Енахда ќе склучи владин сојуз. Таа најверојатно ќе мора да си најде партнери од секуларната средина на туниското општество. Во тек се веќе првите коалициски преговори и партии како социјалдемократската „Етакатол“ можат да си замислат да влезат во коалиција со Енахда. Освен тоа таа уште претходно се обврза законски дека ќе ги штити човековите права. Доколку почне да ги крши тие принципи, партијата ќе мора да одговара по правна основа. Конечно, граѓаните на Тунис не ја спроведоа револуцијата за да дозволат едноставно еден авторитарен систем да биде заменет со друг. Ако Енахда почне да ја води земјата во таа насока, тогаш ќе мора и таа да се соочи со моќта на улицата.

Автор: Диана Ходали/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска