1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кој ризикува, треба и да плати!

За да не мора и во иднина да се ангажираат пари од буџетот на државата за помош на банка во неволја, германската влада ги утврди основите на закон што ќе ги обврзе банките да издвојат средства во фонд за интервенции.

default

Штедачите не треба да плаќаат сами за „гревовите“ на банките

Во финансиската криза државите со огромни суми пари ги спасуваа системски релевантните банки, за да се избегне колапс на целиот светски финансиски систем. За да не мора и во иднина да се ангажираат пари од буџетот на државата за помош на банка која ќе се најде во неволја, германската влада ги утврди основите на идниот закон што ќе ги обврзе банките да издвојат средства во фонд за интервенции.

Специјален фонд за случај на криза

Принципот е едноставен: кој презема нешто, што може да ги загрози другите, мора и да се осигура за случај работите да тргнат наопаку. Слично како кај задолжителното осигурување на автомобилите, од кое се плаќаат штетите при сообраќајни несреќи, сега и банките ќе мораат да уплатуваат пари во специјален фонд, со коj ќе се интервенира во случај на криза на некоја од нив.

„Тоа не може да биде ставено врз грбот на даночните обврзници, туку свој придонес мора да дадат и одговорните за банкарската и финансиска криза“, нагласува вицеканцеларот Гидо Вестервеле.

Но, мора да се води сметка да не се загрози улогата на банките на кредитори на стопанството, укажува сојузниот министер за финансии Волфганг Шојбле.

„Затоа се решивме за умерен придонес. Оние, кои во себе содржат системски ризици треба да бидат посилно оптоварени, отколку другите, а придонесот треба да зависи и од големината на банката“.

Deutschland Kabinett Wolfgang Schäuble CDU Finanzminister

Волфганг Шојбле

Менаџерите ќе треба да надоместуваат штети

Според решението на владата, банките годишно ќе издвојуваат во фондот речиси 1,2 милијарди евра. Од нив 900 милиони отпаѓаат на приватните банки - 600 милиони големите, 300 милиони на специјалните банки. Преостанатите 200 милиони во најголем дел ќе ги издвојуваат покраинските банки. Предлог-законот треба да биде поднесен уште пред летото и неговата содржина треба да биде усоглaсена на европско ниво. Затоа на седницата на германската влада присуствуваше и Кристин Лагард, министер за стопанство на Франција.

Волфганг Шојбле ќе се заложи и за реформирање на законските одредби за инсолвентност - ако на банките им се заканува банкрот, тие во иднина да можат да бидат побрзо санирани, но по потреба и разбиени. Банкарските менаџери ќе треба да бидат обврзани за надомест на предизвиканата штета. Опозицијата бара и оданочување на сите трансакции на финансиските пазари, што би обезбедило значителен прилив во буџетот, но владата не се согласува.

Автор: Сабине Кинкарц/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска