1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој пука од Либан?

Врз северниот дел на Израел утрово се испукани ракети од либанска територија. По тричасовниот прекин на огнот, борбите продолжија и во појасот Газа. Меѓународната заедница прави напори за надминување на конфликтот.

default

Израелската армија против позициите на Хамас

Тринаесет денови по почетокот на израелската воена офанзива во појасот Газа, од Либан врз израелска територија се испукани четири „Каќуша“ ракети. Според либански извори, Израел возвратил со пет ракети. Армијата потврди дека одговорила на нападот на северот на Израел, но зесега не изнесе поподробни информации. Според армијата, во овој напад повредено било едно лице. Засега никој не ја презема одговорноста за ракетниот напад, којшто во Израел предизвика загриженост од можно проширување на конфликтот. Според израелското радио, армијата смета дека ракетите ги испукале милитанти Палестиници со дозвола на либанските Хезболах милиции. Во меѓувреме, Хамас демантираше дека стои зад овие напади.

Во Газа продолжуваат борбите

Радикално-исламиситичката организација ги продолжи ракетните напади од појасот Газа кон Израел. Во текот на ноќта Израел ја интензивираше офанзивата на југот на појасот Газа. Очевидци известуваат дека израелските тенкови, поддржувани од хеликоптери, навлегле на палестинска територија и се упатиле кон градот Хан Јунис, којшто се смета за упориште на Хамас.

Истовремено, борбени авиони го бомбардираа гадот Рафах на границата со Египет, за да се уништат тунелите ископани од Палестинците. Претходно, Израел ги најави нападите. Во областа околу Рафах беа фрлени летоци, со кои се повика палестинското население да ги напушти домовите. Повеќе од 5.000 луѓе се засолнија во две училишта на ОН.

Хуманитарна помош за населението

Борбите продолжија по вчерашниот прв прекин на огнот за три часа, кога требаше да се изврши дотур на хуманитарна помош за населението. Краток временски рок, сметаат луѓето во појасот Газа: „Како може за три часа да донесеш зеленчук од југот? Ние сме под опсада, немаме електрична струја, вода, зеленчук, леб, брашно. Луѓето живет од воздух“, вели еден Палестинец. Прекинот беше искористен и за дарување крв. Особено е тешка ситуацијата со повредените.

Важно е да се постигне долгорочно примирје

За овој чекор на израелската влада, високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана, кој вчера беше на разговори со израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак, рече: „Гледам дека израелската влада донесе важни одлуки, но сметам дека е многу, многу важно да се постигне долгорочно примирје. За две работи мора да се постигне согласност; нападите да бидат запрени и да се спречи Хамас повторно да се вооружи. Време е да се запрат нападите и повторно да се воспостави вообичаениот тек на животот и политиката повторно да добие шанса,“ рече Солана.

Дипломатските активности продолжуваат

Во Каиро денеска ќе се разгледува и планот, предложен од Египет и Франција, за склучување примирје, што предвидува ограничено примирје, по што би требало да следуваат разговори за решавање на конфликтот. Освен ова, би требало да се овозможи и снабдувањето на населението во Газа.

Во меѓувреме, Хамас се изјасни дека нема да поддржува иницијатива што не предвидува повлекување на израелските трупи и отворање на граничните премини. Според нив, неприфатлив е и предлогот за меѓународни мировни трупи за појасот Газа.

Советот за безбедност на ОН и натаму се обидува да постигне заедничка позиција. Додека арапските држави се залагаат за обврзувачка резолуција што ќе предвидува брз прекин на огнот и повлекување на израелската армија, САД, Велика Британија и Франција се залагаат за ублажен текст на резолуцијата, со кој ќе се истакне дека долгорочното примирје ќе носи со себе гаранции за отворање на граничните премини и крај на криумчарењето оружје од страна на Хамас.