1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кој навистина ќе плаќа за долгот на Грција?

Евро-земјите сакаат поголемо учество на банките во спасувањето на Грција. Но, ќе биде ли навистина голем нивниот придонес или на крајот сепак ќе платат даночните обврзници?

default

Во Евро-зоната е постигната согласност за „значително покачување“ на придонесот на банките во обидите за спасување на презадолжената Грција. Летоска беше договорено тие доброволно да се откажат од 21 процент од нивните побарувања во однос на Грција. Сега, кога е јасно дека состојбата е уште полоша, отколку што беше проценета, и дека на Грција и’ е потребна многу поголема финансиска помош од веќе ветената, станува збор за откажување на банките од 50 до 60 проценти од побарувањата. Но, за да не западнат тие во криза, мора и банките да добијат финансиска подршка.

Банките ќе помагаат - или ќе бидат помогнати?

Symbolbild Krise Euro EU Währung Schulden

Жан-Клод Јункер, шеф на земјите од евро-зоната, зборува за „значително покачување“ на придонесот на банките, на што Ханс-Петер Бургхоф, професор по банкарско стопанство и финансиски услуги од универзитетот во Хоенхајм, во разговор за Дојче веле возвраќа: „Не станува збор за придонесот на банките, туку за прашањето колку ним ќе им се помогне“. Ако банките и’ дале на Грција пари на заем, тоа е нивна работа - така е вообичаено во пазарното стопанство, вели Бургхоф.

Сличен е и ставот на Клеменс Фист, професор по финансии на универзитетот во Оксфорд, во Велика Британија. За Дојче веле професорот оцени дека на работите се гледа од погрешна перспектива. Фактички, би било правилно и ако банките во екстремен случај не ги добијат назад парите што ги дале на заем. „Крајно непожелно“, според него, е ако „даночниот обврзник плати макар и еден цент за банките, што претставува погрешен стимуланс и е неправедно“.

Меѓу два екстрема

Едниот екстрем би бил ако евро-земјите би се погрижиле на банките да им бидат вратени целосните побарувања. На почетокот на кризата изгледаше како да се оди во таа насока, што би значело дека даночните обврзници во евро-зоната би плаќале за банките. Во меѓувреме тој пат е напуштен.

Вториот екстрем би бил банките воопшто да не добијат подршка и сами да го поднесат товарот на ненаплатените побарувања спрема Грција. Но, тогаш би била преголема опасноста од слом на банките со преголем ангажман во Грција. Штетите во банкарскиот сектор би ги почувствувала и реалната економија. Делумното отпишување на грчкиот долг би бил „среден пат“. Доверителите, кои и’ дале кредит на Грција и од несигурниот должник поради тоа оствариле и повисоки стапки на добивка, сега мораат да сметаат на тоа, дека ќе реализираат само дел од нивните побарувања, изјави Паул Кирхоф, експерт за уставно и даночно право од Хајделберг, за Баварското радио.

На крајот секогаш добива банката - или...?

Symbolbild Krise Euro EU Währung Schulden

И само делумно отпишување на побарувањата тешко би погодило некои банки. За разлика од милијардите што се слеваат во грчката државна каса како директна помош, кај отпишувањето на долговите не решава заедницата на евро-земјите, туку секоја држава за себе. Ќе помогне ли државата, или банката може самата да си помогне, „е прашање на поединечните земји, но борбата против финансиските шпекулации секако е прашање на ЕУ“, вели Кирхоф.

Банките ќе мораат да прифатат повисоко отпишување на побарувањата. „Земјите на евро-зоната можат секогаш да кажат: Ако не се согласувате, тогаш обратете и’ се на Грција и земете си ги од таму вашите пари“, укажува Клеменс Фист.

Банките, значи, се упатени на политиката - но и таа на нив. Оти, ако некоја банка се најде во неповолна состојба поради неможноста да си ги наплати побарувањата, губи дел од својот капитал и веќе не може да доделува толку многу кредити на претпријатија и потрошувачи. Фист тогаш тука согледува опасност од рецесија. „Затоа е важно европската политика сега да води сметка банките да бидат рекапитализирани, по потреба и со мерки на принуда“, вели Фист.

На банкарите и на политичарите, значи, за догледно време нема да им недостасуваат теми за разговори.

Автор: Марко Милер/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска