1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кој може да се надева на работа во Германија?

На Германија и‘ недостигаат неколку стотици илјади инженери, математичари и информатичари. За шансите да дојдат странски стручњаци на работа, ДВ разговараше со Горан Бариќ од консултантската компанија Мајкл Пејџ.

Во Германија, земја која се прослави со своите изуми, во моментов има околу сто илјади непополнети работни места за инженери. Фирмите очајнички бараат стручњаци, на пазарот на труд се води вистинска војна за млади таленти.

„Тоа можам стопроцентно да го потврдам, а најмногу се чувствува во ИТ-браншата. Значи, не се работи за медиумска пропаганда, туку за германска реалност“, вели Горан Бариќ.

Поради недостигот од инженери германското стопанство лани загуби околу осум милијарди евра приход. Недостигот го загрозува конјуктурниот раст и поради тоа германската влада, под притисок на стопанството, неодамна го олесни доаѓањето млади стручњаци однадвор.

„Најважното се квалификациите, англискиот јазик често е доволен, но предност секако е знаењето на германскиот“, вели Бариќ.

Goran Baric Michael Page Group

Горан Бариќ препорачува-учете и конкурирајте

Знаењето германски не е услов

Компанијата на Бариќ, Мајкл пејџ моментно има полни раце работа. По налог на германските работодавачи неговите соработници бараат соодветна работна сила. Инженерите денес во Германија се толку барани што практично можат да избираат каде ќе работат.

Најомилени се фирмите чии седишта се наоѓаат во метрополите со висок степен на квалитет на животот. Средно големите фирми од провинцијата инженерите ги привлекуваат со атрактивни работни задачи, а се мисли и на нивните семејства:

„Работодавачите плаќаат на пример за сместувањето на децата во градинка, вложуваат во дополнителното образование на стручњаците и нивните сопруги, помагаат во наоѓањето куќа, организираат клубови за брачните другари, се‘ со цел животот брзо да биде организиран во новата средина“.

На германскиот пазар на труд недостигаат и електротехничари, машинци, архитекти и математичари. Најлоша е состојбата сепак кај инженерите.

„Порано на фирмите за едно работно место можевме да им претставиме и по 5-6 кандидати, а денес сме среќни ако можеме да им испратиме барем еден“, вели Бариќ.

Земја во која тече мед и млеко?

Недостигот од квалификувана работна сила во Германија не можат да го пополнат придојдените од другите земји на ЕУ. Нашиот соговорник затоа се надева дека Германија наскоро ќе го отвори целосно пазарот и за специјалисти од остатокот на светот.

Сепак, предупредува од негување илузии за Германија како земја каде течат мед и млеко, каде се заработуваат баснословни суми и се вози службен автомобил. Бариќ се смее:

„Тоа би било убаво. Такви приказни ми раскажуваше и татко ми кој како гастарбајтер стигнал во Германија на почетокот на 60-те години. Се разбира, тоа ни тогаш не била вистина, како што не е ниту денес. Многумина се изненадени што во Германија се работи цел ден и што страда приватниот живот. Не сакам никого да го обесхрабрувам, но во Германија треба да се биде исклучително талентиран и квалификуван за воопшто да се добие шанса да се заработи она кое го споменавте“.

Горан Бариќ е роден во Германија, но потекнува од подрачјето на бивша Југославија и во разговорот за Дојче веле на сите стручњаци од регионот кои се заинтересирани за заминување во Германија им порачува:

„Учете германски, образовајте се, гледајте филмови на германски и се надевам наскоро ќе се видиме во Германија!“

Бариќ напоменува дека висококвалификуваните стручњаци со факултетска диплома во рака, со две-три години работно искуство во Германија, зависно од квалификацијата и браншата, можат да сметаат со годишна плата од околу 50 илјади евра бруто и најмалку 24 дена годишен одмор. Тоа, заклучува Бариќ, е супер пакет со кој во Германија може многу добро да се живее.