Кој и да победи, да не го заборави регионот и Македонија | Македонија | DW | 06.11.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кој и да победи, да не го заборави регионот и Македонија

Од Барак Обама или Мит Ромни не се очекуваат позначајни промени во политиката кон Балканот. Експертите сметаат дека РМ треба да продолжи засилено да лобира за членство во НАТО и да води политика на добри односи со САД.

Претседателските избори во САД се следат со внимание во Македонија, но нема очекувања дека тие би донесле и позначајни промени во билатералните односи и политиката кон регионот. Предизборната реторика и фактот дека фокусот на надворешната политика на САД се Блискиот исток, Иран, Сирија и Авганистан, според експертите и политичарите во земјата, е знак дека политиката на Вашингтон има други приоритети:

„Тоа некогаш може да биде и добар знак дека нашиот регион се стабилизира и е на еден добар колосек со европска перспектива, но од друга страна, за помали земји како што е Македонија многу значи кога вниманието нема да биде загубено“, изјави за Дојче Веле поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.

Milososki in USA

Милошоски: Треба да се посвети поголемо внимание не само на претседателот и неговата администрација, туку и на американскиот Конгрес

Сигнали за позначајни промени не гледа ниту универзитетскиот професор Стево Пендаровски:

„Не можам да видам ниту еден индикатор која сугерира дека кога ќе победи едниот или другиот може да направи што било во однос на регионот и Македонија. Таму Македонија, регионот и Европа, ретко се присутни во изборната реторика. Освен еврозоната и кризата таму, Американците не ги интересира ниту целиот континент, а камоли Балканот, значи од аспект на практични и политички консеквенци сосема е небитно кој ќе победи на тие избори и кој ќе биде домаќин во Белата куќа.“

Според Милошоски, без оглед кој ќе биде идниот претседател на САД, за Македонија е многу важно да продолжи да води политика на добри и билатерални односи со Вашингтон, со истакнување на значењето на придонесот што може да се даде кон американската регионална и меѓународна политика:

Obama und Gorge Ivanov Präsident Mazedonien in Warschau Flash-Galerie

Средба на македонскиот претседател Иванов и американскиот претседател Обама во Варшава, во 2011 година (архива)

„Тоа што можеби треба најсилно да се излобира во мандатот на следниот претседател на САД, е дека целиот регион, вклучително и Македонија, заслужуваат во тој мандат да станат дел од Северноатланската алијанса. Доколу оваа цел биде цел и на следниот американски претседател, мислам дека ќе имаме и добар простор за работа и заедничка мотивација тоа да го изработиме. Од наша страна сметам дека треба да се посвети поголемо внимание не само на претседателот и неговата администрација, туку и на американскиот Конгрес, каде што формиравме пред неколку години една група пријатели на Република Македонија и што повеќе комуникација на тие луѓе со нашата држава“, смета Милошоски.

Пендаровски сугерира на прагматичност и предупредува дека е погрешно да се прави разлика или очекува повеќе или помалку од едната или другата политичка опција, и покрај фактот што во периодот на претседател републиканец САД ја призна Македонија под нејзиното уставно име:

„Треба да се игра на прагматичност, бидејќи Американците во кој било сегмент на нивната политика само тоа го разбираат и го применуваат. Сите други приказни за историски партнерства, за минат труд се губење време. Мислам дека луѓето кои ја водат државата во дадениов момент треба да го имаат тоа на ум, што практично, конкретно и најбрзо можно, се разбира, може да се добие од Вашингтон, а да не гледаат како се вика човекот што е таму, а особено на која политичка партија е член“, смета Пендаровски.

Скопје и Вашингтон негуваат добри билатерални односи од прогласувањето на независноста на Македонија во 1991 година. Соединетите Американски Држави формално ја признаа Македонија на 8. февруари 1994, а една година подоцна, на 13 септември, двете земји воспоставија и официјални дипломатски односи на ниво на амбасади. Врвот во односите беше 4 ноември 2004 година, кога со одлука на тогашниот претседател Џорџ Буш САД ја призна Македонија под нејзиното уставно име.