1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кој е „Супер Марио“?

Земјите од еврогрупата го номинираа шефот на италијанската централна банка Марио Драги за наследник на Жан-Клод Трише на функцијата претседател на Европската централна банка. Драги наесен треба да ја преземе должноста.

Марио Драги

Марио Драги

„Супер Марио“ е фигура од видео-игрите. Тој е италијански занаетчија, носи сини работнички панталони и црвена кошула, најчесто трча наоколу или скока низ околината и понекогаш вели „мама миа“! Сето ова не важи и за Марио Драги, но тој сепак го носи прекарот „супер Марио“. Драги се облекува ненападно, носи темни костуми и бели кошули и наместо да вика „мама миа“, избегнува да дава јасни изјави, зборувајќи главно општо за економската политика или за стабилноста на банкарскиот систем.

Шефот на италијанската централна банка важи како многу амбициозен и зад себе има кариера која одела бргу нагоре. Францускиот претседател Никола Саркози за него рече: „Франција е среќна што може да го даде својот глас за еден Италијанец на функцијата претседател на Европската централна банка, за Марио Драги кого добро го познавам. Ние не му даваме поддршка затоа што е Италијанец, туку затоа што има квалитети, а потоа и затоа што е Италијанец.“

Италијанец што се однесува премногу неиталијански?

Меѓутоа, во последно време постојано можеше да се прочита дека 63-годишниот Драги всушност се однесува премногу неиталијански. Го сметаат за остар аналитичар, за работник со голема дисциплина, а во финансиската бранша во светот е апсолутно ценет - како од страна на банките, така и од страна на владите.

Уште како дете бил тивок одличен ученик. Неодамна рече дека печат врз него оставиле езуитите: „Извонредните стандарди заедно со моралната порака која го определуваше денот минат на училиште. Порака дека мора се‘ да се направи онолку добро колку што се може, дека чесноста е многу важна и пред се‘ дека секој од нас е посебен на свој начин.“

Марио Драги ќе го наследи Жан-Клод Трише на функцијата претседател на Европската централна банка (фото: зградата на ЕЦБ)

Марио Драги ќе го наследи Жан-Клод Трише на функцијата претседател на Европската централна банка (фото: зградата на ЕЦБ)

По езуитското училиште, Драги студирал економија во Рим, докторирал на прочуениот Институт за технологија на Масачусетс (МИТ) во САД, во 1981 година станал професор во Фиренца, а во 1984 година извршен директор на Светската банка. Неговите големи пет минути дојдоа во 1992 година, за време на кризата на италијанската лира. Како државен секретар во италијанското министерство за финансии и економија, тој спроведуваше гигантска програма за приватизација, која во испразнетите државни каси донесе околу 60 милијарди евра.

Темната дамка на белата кошула

Во 2002 година следуваше чекор во приватното стопанство, кога стана потпретседател на американската инвестициска банка Голдман Сакс во Лондон, одговорен за зделките со САД. Од тоа време потекнува и црната дамка на неговата, инаку, бела кошула - Голдман Сакс во тоа време правела зделки со Грција кои наводно требало да помогнат за надминување на, уште во тоа време, лошата финансиска состојба на земјата, пред таа да стане член на еврозоната.

Драги повеќепати повторуваше дека тој нема никаква врска со ваквите зделки. Пред да стане шеф на италијанската централна банка во 2006 година, тој, за секој случај, ги продаде своите акции во Голдман Сакс. Драги, роден во Рим и татко на две деца, е застапник на црвст курс, поради што на италијанската финансиска сцена постои страв од него. Иако европските критичари забележуваат дека доаѓа од една од најзадолжените европски земји, Драги нема влакна на јазикот, дури и кога зборува за состојбата во неговата земја, на пример, за недоволно продуктивниот југ. Дел од европските влади, кои стравуваат дека Европската централна банка би можела да стане премногу јужноевропска, радо слушаат вакви тонови.

Автор: Јан-Кристоф Кицлер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска