1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој е победникот во Либанската војна?

Американскиот Претседател Џорџ Буш го оцени привременото окончување на војната на Блискиот исток како пораз за Хизболах милицијата. Ваквата проценка има малку подлога во реалноста – смета Даниел Шешкевиц во следниот коментар за Дојче Веле.

Претседателот Буш и шефицата на Стејт департментот Рајс на прес конференција

Претседателот Буш и шефицата на Стејт департментот Рајс на прес конференција

За Џорџ Буш јуниор, кога се обидува да ја објасни ситуацијата во светот, важат се чини принципите на Холивуд. Во американската фабрика за филмови секогаш се видливо означени доброто и злото и приказната секогаш завршува „фала му на Бога„ со победа на доброто. Така не беше чудо што тој стапувањето на сила на примирјето во Либан го оцени како пораз на Хизболах милицијата, додека либанската влада ја гледа како засилена. Со други зборови, приврзаниците на демократијата и на слободата уште еднаш однесоа победа.

Би било убаво да е така, но така поедноставено на нештата може да гледа само американскиот претседател. Реалноста изгледа поинаку! Прво, САД како врховен заштитник на Израел со овој конфликт дефинитивно ја загубија веродостојноста како некаков посредник во блиско-источниот спор. Американската дипломатија беше предолго пасивна додека израелските гранати предизвикуваа несоодветно големи страдања за либанското цивилно население. Израелската акција на одмазда предолго го носеше печатот на одобрување од официјален Вашингтон, така што сега Буш и неговата министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс не можат да се продаваат како миротворци. Војната во Либан што ги однесе животите на стотици недолжни цивили, а уште десетици илјади други остави без покрив над главата, не беше само последица на провокациите на Хизболах. Војната беше и резултат на бланко чекот што американската администрација и‘ го даде на владата на премиерот Ехуд Олмерт за воена операција во Јужен Либан.

И уште нешто: Буш се обидува да ја класифицира оваа војна под категоријата „борба против тероризмот„. Ова оди нешто полесно откако целиот свет деновиве зборува за плановите за нови атентати врз американските авиони, што ги открија британските тајни служби. Но, целиот концепт има „мала козметичка грешка„. Вашингтон тврдоглаво го игнорира фактот оти и Хизболах милицијата и палестинската радикална организација Хамаз се легално избрани во националните парламенти. На демократски избори, со гласови на народот.

Исто толку сомнителна, колку и ваквото игнорирање на демократски изразената волја на Либанците и Палестинците, е тезата дека војната довела до слабеење на Хизболах. Секако дека оваа организација претрпела одредени воени загуби на теренот во Јужен Либан, но во јавноста на муслиманските земји таа најверојатно стекнала уште поголем углед. Ако поради ништо друго, тогаш поради фактот што успеала да и‘ пркоси на надмоќната израелска воена машинерија цел месец. И не станува збор само за поддршка на народот. Ни Иран нема да се откаже лесно од поддршката на шиитските браќа од Хизболах милицијата. А и за вториот најголем поддржувач на Хизболах, Сирија, може да каже истото. Дотолку повеќе што Вашингтон не прифаќа директен дијалог со раководството на оваа арапска земја.

Така останува да покаже времето дали и последната теза на Џорџ Буш, имено дека либанската влада ќе излезе зајакната од воениот виор, држи вода. Американската администрација бара од владата во Бејрут да се дистанцира од Хизболах (чии министри патем седат во истата влада на премиерот Фуад Синиора) и да преземе мерки за негово разоружување. Со таквото барање Американците ги игнорираат реалните односи на сили во Либан.

Се‘ на се‘, филмот во кој живее американскиот претседател може да се крсти „Америка го ослободува светот!„ А на силата на злото, во овој случај Хизболах милицијата, и‘ се заканува пропаст. Во филмската драма Американците сакаат да ја играат секако главната улога, но тие не сакаат да ги вадат костените од огнот. Меѓу предвидените 15.000 војници на меѓународните сили со мандат од ОН, нема да има американски. Тоа го прави примирјето кршливо, а мандатот на меѓународните сили многу чувствителен. Затоа на посакуваниот холивудски „хепи енд„ во Либан - Американците веројатно ќе мораат да причекаат.