1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кој е одговорен за заробените девизи од времето на СФРЈ?

Европски суд за човекови права: Прекршено е правото на заштита на приватната сопственост во случајот со заробените девизни заштеди во Љубљанска и Инвест банка. Словенија и Србија да им ги вратат заштедите на штедачите.

Неможноста да им се вратат девизните заштеди, кои штедачите ги имаа доверено на банките во Србија и во Словенија за времето на поранешната југословенска федерација, според Европскиот суд од Стразбур, не ги ослободува земјите наследнички на Федерацијата од нивната одговорност. Односно, Судот од Стразбур заклучи дека Словенија и Србија во случајот Алишиќ и другите против Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Словенија и Македонија, се должни да ги преземат сите потребни мерки, започнувајќи од датумот кога пресудата ќе биде дефинитивна, за да им дозволат на штедачите и на сите други лица во слична ситуација да си ја повратат девизната заштеда во истите услови во кои ги довериле своите заштеди во словенечките и српските банки, поточно Љубљанска банка и Инвест банка. Истовремено, судиите од Стразбур во пресудата заклучија дека е потребно да им се даде соодветна отштета за изминатиот период на сите оштетени штедачи.

Europäischer Gerichtshof für Menschenrechte in Straßburg

Европскиот суд за човекови права во Стразбур

Словенија и Србија осудени, Македонија ослободена

Во пресудата на Судот во Стразбур е утврдено дека Словенија е одговорна за повреда на правата на мирно уживање на сопствеништво и правото на ефективно средство на штедачите кои своите девизни заштеди ги вложиле надвор од Словенија, како и Србија за неисплатените девизни заштеди вложени во Инвест банка надвор од Србија.

Иако тужбата беше насочена и против Македонија, таа е ослободена од обвинението.

„Судот се изјасни дека нема кршење на конвенцијата од другите држави. Конвенцијата во случајов беше прекршена од Словенија и Србија, иако предметот беше на почетокот насочен кон сите земји од поранешна Југославија“ , ни беше речено од службата за печат на Европскиот суд за човекови права.

Македонија ги исполни обврските за старите девизни заштеди

Република Македонија беше тужена како една од земјите наследнички на поранешна Југославија, но таа веќе се согласи да им ги врати „заробените стари“ девизни заштеди во домашните банки и локалните филијали на странските банки, без оглед на државјанството на штедачите.

Судот исто така потсетува дека државите наследнички на поранешна Југославија не успеаја да се договорат за „старите девизни заштеди“ за време на четирите рунди преговори во 2001. и 2002. година.

Според пресудата на Судот за човекови права, Словенија е одговорна за враќање на старите девизни заштеди кон штедачите на филијалите на Љубљанска банка надвор од Република Словенија, а Србија е одговорна за враќање на старото девизно штедење кон штедачите на Инвест банка надвор од Србија. Двете земји треба во рок од шест месеци од крајната пресуда, да им овозможат на подносителите и на сите други штедачи во иста положба исплата на старите девизни заштеди под исти услови како што им е овозможено на оние што имале стара девизна заштеда во филијалите на словенечките банки во Словенија, односно српските државјани кои имале заштеда во филијалите на српските банки во Србија.

Währungen - Jugoslawien

Пресудата ќе влијае и врз преговорите за наследството од СФРЈ - поранешниот динар

Можно усложнување на преговорите за наследството на СФРЈ

Но оваа пресуда би можела да ги усложни и преговорите за наследството, односно земјите кои како Македонија и Хрватска, ги имаат исплатено „пренесените заштеди“. Според овај принцип, Македонија би можела да добие 75 милиони евра од некогашна Љубљанска банка, но и дваесетина милиони од српската Инвест банка, ако доследно се реализира пресудата на Европскиот суд за човекови права. Македонија со обврзници веќе ги има исплатено штедачите кои имаа заробени девизи, што значи средствата би се влеале во државниот буџет.

Слична пресуда чекаат 1650 предмети и околу 8000 лица.

Оваа пресуда е од така наречените „пилот“ пресуди и според Судот од Стразбур таа може да важи уште за околу 1650 слични предмети, поднесени од околу 8000 жалители од подрачјето на поранешна Југославија. Ако Словенија и Србија поднесат приговор на пресудата предметот најверојатно ќе се најде пред Големиот Совет на Европскиот суд за човекови права, дотогаш Судот одлучи да не ги разгледува другите предмети за кои се води постапка. Интересно е дека во донесувањето на оваа пресуда беа вклучени и петте судии од земјите наследнички на СФРЈ: Словенија, Србија, Хрватска, Македонија и Босна и Херцеговина.

Но враќањето на заробените девизни заштедите сигурно дека ќе претставува нов проблем, бидејќи од Словенија веќе е највено дека таа нема пари за тоа.