1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Кој е новиот господар на прстените?

Германецот Томас Бах е избран за нов претседател на Меѓународниот Олимписки комитет. Поранешниот освојувач на златен медал во мечување, никогаш нема изгубено на гласање во својата кариера како спортски функционер.

Во неговиот прв говор како новоизбран претседател на МОК, Томас Бах се потсети на освојувањето на златниот олимписки медал и рече дека на некој начин неговата победа го потсетила на таа тимска битка за освојување на медал на Олимпијадата во Монтреал, во 1976. Како што вели тој, неговиот тим се борел силно и победил, но тој останал пријател со своите противници, со што сакаше да укаже дека тоа ќе биде неговиот модел во иднина. Во неговите завршни забелешки, Бах побара од своите колеги и пријатели во МОК уште еднаш да се инспирираат од тој дух, и како што рече :„ да се осигураат дека овој прекрасен оркестар наречен МОК, свири во хармонија за посветла иднина“.

Патот до успехот изгледа позлатен за Бах. Како млад мечувалец, Бах ги научи двете најважни карактеристики кои подоцна ќе му донесат успех во неговата кариера како спортски функционер, трпение и изострено чувство кога да се нападне.

Тој беше првиот кој поднесе кандидатура во трката за најпрестижната позиција која спортот може да ја понуди, претседател на Меѓународниот Олимписки Комитет.

Долго време ги набљудуваше своите конкуренти, го држеше гардот високо, и во вистинскиот момент го нанесе решавачкиот удар.

Многу подржувачи и најдобри шанси

Две години набљудувачите шпекулираа кога и дали Бах, заменик претседател на МОК, ќе ја поднесе својата кандидатура да го замени неговиот долгогодишен шеф, Жак Рог.

„Сметам дека моето огромно искуство и довербата со која се стекнав, мојата страст како спортист и освојувач на златен медал би можеле да ги убедат луѓето“, вели Бах.

Во моментов, Бах е претседател на Германскиот олимписки комитет, позиција која мора да ја напушти сега како претседател на МОК.

Во 2010. на својот трет избор како заменик претседател на МОК, Бах доби 80 од 94 гласа. Тој немаше противкандидат, и доби многу пофалби, нешто што се сметаше како индикација за неговиот потенцијал да стане иден претседател.

Florett Fechter Thomas Bach

Младиот мечувалец Томас Бах

Бах вели дека причината за ваквата рана најава на неговата кандидатура е затоа што сакал да биде отворен со своите колеги, иако многумина се прашуваа зошто се одлучил за толку долга кампања пред гласањето на 10-ти септември.

Обвинувања за корупција

Еден од неговите најголеми критичари е новинарот и блогер Јенс Вајнрајх. Тој тврди дека знае зошто Бах толку рано ја почнал трката. „Бах сакаше да биде прв во рингот, да скокне внатре пред другите“, напиша тој во својот блог. Тој додава дека Бах профитира од својата позиција во МОК, професионално.

Но Бах демантираше дека тој профитира од своите обврски во МОК, како адвокат. Сепак тој додаде:„ областите каде што личните пријателства од МОК се поклопуваат со работата како адвокат постојат“ со што остави одредени сомнежи.

Според германскиот весник Шпигел, Бах има консултантски договор со Сименс, од кој заработува 200 илјади евра и наводно се обидувал да ги искористи своите врски во МОК за да го придобие Кувајт, како инвеститор во еден голем проект на Сименс.

Ваквите обвинувања не му наштетија на Бах. Неговата биографија е без дамки. Тој е роден во 1953. година во Вирцбург, и уште од својата петта година бил мечувалец кој многу ветува. Веднаш потоа се пробил до националниот тим, а на 22 години во 1976. освоил златен медал во тимско напреварување. Една година подоцна, тимот освои златен медал на светското првенство. Но за сето тоа време тој работеше на својата пост-мечувачка кариера. Тој студирал право, а за Олимпискиот конгрес во 1981. работел како портпарол на спортистите.

Штитеник на Самаранч

Бах подоцна работел за Адидас, учејќи го занаетот како спортски лобист и создавајќи мрежа на контакти. Тој зборува, англиски, француски, и шпански, и беше поддржуван од поранешниот претседател на МОК, Хуан Антонио Самаранч. Бах беше изгласан како член на МОК кога имаше само 37 години. Малку подоцна успеа да влезе во Извршниот комитет на организацијата. Конечно во 2000. година тој стана заменик претседател на организацијата која е една од најмоќните спортски тела во светот.

Бах работеше вредно покрај претседателот на МОК, Жак Рог, и трпеливо ја чекаше својата шанса. За време на можеби најголемиот скандал во МОК, корупцискиот скандал околу игрите во Солт Лејк Сити во 2002 гдина, тој доби многу пофалби за тоа како ја менаџираше кризата.

Рог е добар пријател на Бах, и многу е веројатно дека му се заблагодарил за неговата лојалност така што го препорачал за време на кампањата. Рог рече дека Бах е важен „столб“ на глобалната олимписка идеја, и има сѐ што е потребно да биде претседател.

Се смета дека Бах има уште еден сојузник, кувајтскиот шеик Ахмад ал-Сабах, кој е претседател на моќната Асоцијација на олимписки комитет, а тој лично е моќна личност во олимписките кругови. Минатата недела на прославата за добивањето на олимписките игри во Токио, ал-Сабах беше главна ѕвезда, затоа што се сметаше дека неговото лобирање им ги донесе Игрите во 2020, Тој исто така го подржуваше и успешното враќање на борењето на игрите. Дури и пред да бидат објавени резултатите, шеикот призна дека не само што го подржува, туку и дека лобира за неговата кандидатура. Тоа претставуваше очигледно прекршување на протоколот на МОК. Но и покрај ова, а и документарецот кој беше прикажан во Германија за карактерот и однесувањето на Бах, не успеа да го спречат фаворитот да ја оствари својата цел.