1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој е виновен за нападот со хемиско оружје?

Русија и Франција, и покрај извештајот на ОН, имаат сосема различни заклучоци за употребата на отровен гас во нападот кај Дамаск. Шефот на француската дипломатија Фабиус го обвинува Асад, Лавров - бунтовниците.

Русија и Франција се единствени во неединственоста по прашањето на Сирија. Францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус смета дека е јасно оти режимот на Башар ал-Асад е одговорен за нападот со отровен гас на 21 август. Неговиот руски колега Сергеј Лавров, пак, останува на ставот дека нападот го извршиле бунтовниците за да испровоцираат меѓународен воен напад (на фотографијата - двајцата министри по разговорите во Москва).

Различните позиции на двете страни во Москва уште еднаш дојдоа до израз и кај темата - последици. Фабиус, по разговорите со Лавров, рече дека треба да се биде остар за да постигне мир. Затоа тој побара јасност во резолуцијата на ОН која треба да биде донесена набрзо. Под јасност Французинот подразбира закана со напад доколку Сирија не се држи до договореното.

Лавров пак смета дека тоа е контрапродуктивно. Тој оцени дека Сирија прво мора да го открие хемиското оружје со кое располага и да им дозволи на инспекторите влез во земјата. Важно во овој момент, според него, е да почне реализацијата на руско-американскиот план за уништување на сириското хемиско оружје, а со резолуција на ОН светот може да се занимава и подоцна.

Мировна конференција или не?

Фабиус оцени дека планот претставен во Женева за време на викендот (14/15.09) е важен чекор напред, но мора да се оди натаму. На такво мислење е и Лавров. Тој бара спроведување на планот и одржување мировна конференција за Сирија со учество на сите страни, вклучително и бунтовниците, што треба да се случи што побрзо. Сирискиот режим има време до сабота да обелодени со какво хемиско оружје располага. До средината на наредната година, според договореното меѓу САД и Русија, треба да се уништи целото такво оружје.