1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Кој е број 1 во Европа - Шпанија или Германија?

По успехот на Борусија Дортмунд и Бајерн Минхен, против Реал Мадрид и Барселона во Лигата на шампионите, многумина сметаат дека односот на силите во европскиот фудбал е разнишан. Дали доаѓа до промена на врвот?

Минаа 12 години откако еден германски фудбалски клуб ја освои Лигата на шампиони. Бајерн во 2001 година во финалето, по изведувањето пенали, ја совлада Валенсија и така престижниот прехар стигна во Германија. Затоа, пак, во последните 12 години шпанските клубови вредно ги собираа титулите на прваци: Реал Мадрид (2002) и Барселона (2006, 2009 и 2011) вкупно четрипати триумфираа во Лигата на шампиони. Во Лигата на Европа во истиот период шпанските клубови дури петпати ја освојуваа титулата: Валенсија 2004, Севиља 2005 и 2006, Атлетико Мадрид 2010 и 2012 година. Освен тоа, фудбалската репрезентација на Шпанија е актуелен светски и двоен европски првак (2008 и 2012). Последното злато германската репрезентација, пак, го освои во 1996 година, кога во Англија ја освои титулата европски првак на чело со селекторот Берти Фогст.

Промена на врвот ?

Така кога станува збор за освоените титули, се добива резултатот 9:1 во полза на шпанските клубови. Сепак, со оглед на тоа дека Реал Мадрид и Барселона во полуфиналето на Лигата на шампиони против Борусија и Бајерн беа буквално потопени, се’ повеќе се говори за промена во врвот на европскиот фудбал. Сепак за такво нешто засега не може да стане ниту збор, ако се земе во предвид споменатиот однос на сили и посебно ако се согледа целокупниот шпански и германски фудбал - значи и репрезентациите на двете земји.

Успехот на Борусија од Дортмунд против Реал Мадрид е навистина извонреден, но сепак Мадрид не е тој кој и’ даваше такт на европската фудбалска сцена во последните неколку години. Барселона беше апсолутен број еден во европскиот клубски фудбал. Полуфиналната победа на Бајерн (4:0 и 3:0) против Барселона која ги понижи Каталонците, е затоа многу поинтересен резултат. Тука навистина би можело да се каже дека тегот на вагата натежнува во полза на баварско, а не на германско лидерство во европскиот клубски фудбал. Иако тоа никој јавно искрено не сака да го каже.

„Многу клубови ги преземаа фудбалските аспекти на Барселона и сега тој клуб го победуваат со неговото сопствено оружје. Таквиот развој е сосема нормален - една екипа како Барселона да ја зафати бран кој влече надолу“, вели Оливер Кан, поранешниот голман на германската репрезентација.

Шпанците во долгови

За разлика од клубовите во германската Бундеслига, клубовите во шпанската Примера се во лоша финансиска состојба. Долговите на 18 прволигаши изнесуваат дури 4 милијарди евра. Шпанскиот експерт за економија Хозе Марија Гај де Либана поаѓа од тоа дека Примера лигата ќе опстане уште пет години, по што, како што вели, „ќе биде мртва“. Една четвртина од долговите отпаѓа на Барселона и на Реал Мадрид, иако тие клубови со освојувањето на титулите, добиваат доволно пари.

Проблем се помалите клубови од првата лига кои сакаат да им конкурираат на гигантите, па потоа прават погрешна пресметка. Негативен пример е Валенсија чиј стадион е полузавршена градежна руина со долг од околу 450 милиони евра. Значи кога станува збор за финансиите, германската Бундеслига одамна ги престигна Шпанците.