1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кој го штитеше монополот на Телеком на македонскиот пазар?

Еден од четворицата поранешни директори во Мактелеком обвинети за тежок криминал е сослушан во мај годинава. По останатите се’ уште се трага со потерница. Што вели за овој мега скандал, тогашниот директор Ден Дончев?

default

Истрагата е во тек, еден од поранешните директори во Мактелеком по кого беше распишана потерница е сослушан, останатите тројца се’ уште се недостапни за истрагата, изјавија за Дојче веле во скопскиот суд каде се води предметот за малверзациите во македонски Телеком тешки неколку десетици милиони евра. Во судот не откриваат повеќе детали во интерес на истрагата. Поранешните менаџери се обвинети дека со злоупотреба на функцијата на незаконски начин од компанијата испумпале 24 милиони евра. Две години откако е обелоденет овој случај е се’ уште без епилог. Криминалот го откри интерната истрага нарачана од странските сопственици на мобилниот и

Deutschland Bonn Telekom Hauptsitz mit Flagge Stellenabbau

фиксниот оператор во Македонија, а потоа наодите на Маџар Телеком односно Дојче Телеком ги потврди и полицијата. Во извештаите на американските инспектори, кои ја водеа истрагата се откри дека голем дел од проневерените пари се потрошиле за лобирање кај македонската Влада за да се добие посебна регулатива на пазарот и други бенефиции. Истрагата не откри докази за вмешаност на владини функционери и поединци но, полицијата најави дека ќе ја прошири истрагата бидејќи се утврдило дека директорите уништувале материјали.

Кој го штител монополот на компанијата во Македонија, го праша Дојче веле Ден Дончев директорот на Телеком во времето на приватизацијата? „Не располагам со докази, но фактите покажуваат дека не се исполнија државните интереси. Самиот чин на продолжување на монополот во фиксната телефонија две или три години по законски предвидениот рок покажува дека одредени институции не ги исполнија своите обврски за либерализација на овој сектор.“

Во Германија се води истрага, дали Дојче Телеком во периодот од 2004 до 2006 година подмитувал политичари во Македонија да ја спречуваат конкуренцијата во телекомуникацискиот бизнис? Во изјава за Дојче Веле тогашниот премиер Владо Бучковски вели дека има доволно показатели за можни злоупотреби, но тврди оти неговата влада не била вмешана.

Wahlen Mazedonien Premierminister Vlado Buckovski

Владо Бучковски, поранешен премиер на Македонија

„Во 2005-та година, кога наводно започнале сомнителните трансакции за евентуално лобирање, можат евентуално да бидат поврзани само за еден проект, кој тогаш беше круцијален воопшто за сите присутни на пазарот во Република Македонија, тоа е законот за електронски комуникации. Тој законски проект беше под лупа и на Европската комисија, затоа што беше еден од условите, од кои зависеше и кандидатскиот статус на Република Македонија. Значи инволвираноста на Европската комисија, инволвираноста на повеќе експерти, кои во тоа време беа од USAID, GTZ, остава сега простор за дилема, дали евентуално во тој дел, пред да дојде тој законски текст во парламентот, е правена определена злоупотреба. Но, во секој случај, додека јас бев претседател на Владата немаше ниту една опиплива каква било информација, која можеше да навестува такво нешто.“

Мнозинскиот пакет акции во 2001 година беше продаден за 350 милиони евра. Сега државата поседува 35 проценти од капиталот во Телеком.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM