1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој го уби иранскиот атомски физичар?

Убиството на иранскиот атомски физичар Масуд Али Мохамади и натаму е загатка. Иранската влада опстојува на обвинувањата дека се вмешани САД и Израел. Опозицијата вели дека Мохамади бил близок до критичарите на режимот.

default

Масуд Али Мохамади

За убиството на Иранецот Али Мохамади и натаму кружат различни информации. Познато е само дека професорот по атомска физика загина во бомбашки напад. Во непосредна близина на неговата куќа во северен Техеран експлодира бомба која го одведе во смрт 50 годишниот научник.

Лариџани: Ова е дело на Мосад и ЦИА

Спротивставени информации, меѓутоа, има околу неговиот политички став.Така иранските власти го означија Али Мохамади како лојален на режимот. На еден опозициски интернет-сајт, меѓутоа се тврди дека физичарот бил приврзеник на лидерот на опозицијата Мир Хусеин Мусави. Нејасно, покрај тоа, е дали тој бил вклучен во работата на спорната атомска програма на Исламската република. Во неговите публикации тој во прв ред се занимава со космологија, квантна физика и физика на високи енергии.

Ali Laridjani

Претседателот на иранскиот парламент Али Лариџани ги обвини САД за државен тероризам

Иранските државни медиуми и властите во Техеран опстојуваат на обвинувањата дека убиството на Али Мохамади претставува терористички напад на контрареволуционерните сили зад кои стојат САД или Израел. Претседателот на иранскиот парламент Али Лариџани пред два дена упати и директни обвинувања дека тајни агенти од САД и од Израел го организирале атентатот.

„ Добивме јасни информации неколку дена пред атентатот дека тајната служба на ционистичкиот режим Мосад во соработка со ЦИА се обидува да изведе терористички напад во Техеран“, рече Лариџани во разлутеното обраќање пред парламентот во Техеран, дополнувајќи дека тајните служби на САД и на Израел веројатно мислеле дека со ваквата акција ќе предизвикаат раздор меѓу иранските научници и ќе им наштетат на нуклеарните истражувања на Иран.

Нема напредок во истрагата

Меѓутоа, како и сите останати ирански претставници пред него и Лариџани не изнесе конкретни докази за обвинувањата. Од друга страна ни полицијата, ниту иранските тајни служби не пријавиле никаков напредок во истрагата за убиството на Али Мохамади:

„Се вртат разни шпекулации за тоа кој би можел да стои зад нападот, но јас не би сакал да се изјаснувам за тоа. Ние истражуваме“, порача истражниот судија од Техеран, Фахредин Џафарзадех. Американските и израелските власти демантираа каква било вмешаност во нападот. Инаку, атентатот се случи еден ден откако американскиот генерал одговорен за Блискиот Исток Дејвид Петреус објави дека Вашингтон поседува планови во случај да се појави потреба да започне со воени напади против иранските нуклеарни постројки. Тој не наведе никакви поединости за плановите. Иранската влада ги обвини САД дека сакаат да ескалира спорот околу атомската програма. Портпарол на министерството за надворешни работи изјави рече дека изјавите од Вашингтон се во спротивност со најавената нова политика на претседателот Барак Обама и претставуваат враќање на старите грешки на САД.

Американската влада отфрла секаква одговорност за убиството, а претставник на израелската влада рече дека за „вакви инциденти“ Израел во основа не дава коментари.

Автор: Улрих Пик/ Томас Шварц/ ртре/ афп/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фидановска