1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој го „скри“ рускиот товарен брод „Арктик си“?

Товарниот брод „Арктик си“ потполно исчезна од радарите. Тој тргна од Финска на крајот на јули и се упати кон Алжир, каде требаше да го испорача товарот со дрва. Сега во потрага по бродот е половина Европа.

default

Каде исчезна ваков колос?

Во денешни услови со толку современи сателити и други радарски системи се чини речиси невозможно да му се загуби трагата на голем товарен брод со носивост од 4.000 тони. Сепак, бродот „Арктик си“ го нема никаде на патот од Финска до Алжир. Последниот контакт со посадата беше воспоставен во Каналот Ламанш пред две недели. Пред тоа меѓутоа бродот го нападнале пирати, кои кусо потоа го напуштиле. Експертите за поморски сообраќај сега шпекулираат дека на бродот имало нелегален дел од товарот, можеби дрога, а можеби и оружје за некоја африканска држава. Заменик шефот на рускиот синдикат за поморски сообраќај, Сергеј Портенко, смета дека бродот најверојатно носел оружје и поради тоа бил заробен. Сега целата афера треба да се заташка, смета Портенко.

Во меѓувреме руската воена морнарица доби наредба да му влезе во трага на исчезнатиот брод: „Руската морнарица доби наредба да го бара бродот таму каде што би требало сега да се наоѓа. Истовремено го набљудуваме целокупниот сообраќај по должината на неговата рута“ , појаснува полковникот Алексеј Кузњецов.

Руските медиуми стравуваат за 15 руски морнари од посадата на бродот „Арктик си“. Доколку тие се непожелни сведоци на некоја матна зделка, нивните животи би можеле да бидат во голема опасност. Сопругата на 50 годишниот капетан Сергеј Зерецки е многу загрижена: „Тие само ни велат дека сите се на сигурно и дека се здрави“, вели Елена Зерецкаја.

Автор: Андре Сурен / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска