1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој го нарача убиството на Политковскаја?

Денеска се навршуваат пет години од убиството на руската новинарка Ана Политковскаја. Таа работеше за весникот „Новаја Газета“ и жестоко го критикуваше актуелниот руски премиер Владимир Путин поради војната во Чеченија.

default

Ана Политковскаја

Пет години по убиството на Политковскаја, властите во Москва јавуваат за први успеси во истрагата. Во мај годинава, во Чеченија наводно бил уапсен убиецот на новинарката. Полицијата смета дека злосторството го извршил Чеченецот Рустам Махмудов. Наводно, притоа имал поддршка од некои полицајци. Во август годинава уапсен беше поранешниот висок полициски функционер Дмитриј Пављученков, кој наводно го организирал убиството, тврди полицијата во Москва.

Главниот уредник на „Новаја Газета“ Дмитриј Муратов ја поздравува одлуката на властите да не го третираат повеќе Пављученко како сведок, туку како осомничен. Муратов смета дека во убиството биле вмешани и други членови на одделението кое го предводел Пављученко и се надева дека наскоро ќе започне ново судење.

Дел од рускиот печат тврди дека во текот на сослушувањето, Пављученко го кажал името на нарачателот на убиството, и шпекулираат дека се споменувал тајкунот Борис Березовски. Но, поголемиот дел од либералната јавност во земјата, па и самите власти, ги отфрлаат ваквите шпекулации. Претседателката на рускиот Хелсиншки комитет, Људмила Алексејева тврди дека ваквите шпекулации се само обид да се оттргне вниманието од вистинските нарачатели.

EU Putin Brüssel

Владимир Путин

На другата страна, се шпекулациите дека нарачател е всушност тогашниот претседател и актуелен премиер Владимир Путин.

Политковскаја важеше за жесток критичар на неговиот режим и особено на акциите и злосторствата сторени за време на војната во Чеченија. Таа доби и редица меѓународни признанија за своето известување од војната. Убиството на Политковскаја, случајно или не, се совпадна и со роденденот на Путин, кој денеска полни 59 години.

Портпаролот на Путин многупати досега остро негираше негова вмешаност во убиството.

Автор: Борис Георгиевски/афп/дв

Редактор: Симе Недевски