1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Кој го крие досието на Адолф Ајхман?

Германската разузнавачка служба БНД веќе со децении наназад го држи во тајност досието на Адолф Ајхман. Конечно една комисија составена од истакнати историчари, ќе има увид во тајните записи за тој нацистички злосторник.

Во архивата на службата БНД има многу досиеја и документи, дури и од периодот после Втората светска војна. Тогаш Сојузната разузнавачка служба не се викала БНД, туку Гелен (Gehlen). Името го носела по првиот началник на управата и на национал-социјалистите, Рајнхард Гелен. Меѓутоа, едно досие е од посебна важност. Станува збор за човек одговорен за депортацијата и ликвидацијата на милиони Евреи, против кој во 1961 се водел судски процес во Израел- Адолф Ајхман. Досието има илјадници страници. Конечно тоа што во него е запишано веќе нема да биде тајна.

Adolf Eichmann

Оваа фотографија го обиколи светот: Ајхман за време на судењето во Израел во 1961

Сепак, германската јавност нема да може да смета на увид во споменатата документација. Новинари во повеќе прилики се обидуваа да ја откријат содржината на досието. Еден новинар од германскиот таблоид „Билд“ во 2010 година успеа да се спротистави на бирократските и законските пречки, но на крај ја изгуби битката. Добар дел од трите илјади страници што конечно можел да ги прегледа, биле затемнети. Тој поднесе и жалба до Управниот суд во Лајпциг, но таа сепак е одбиена.

Историчарот Холгер Мединг тврди дека нема засекогаш да биде така. „Долгорочно гледано, сите документи кои се таму мора да бидат објавени“. Тој најдобро го знае тоа, бидејќи е меѓу експертите кои се одбрани во специјалната комисија, која без никаква цензура ќе може да го прегледа досието на Ајхман. Мединг е член на истражувачката комисија, која ја проучува историјата на германската разузнавачка служба помеѓу 1945 и 1968 година. Дејствувањето на комисијата е поделено по региони. Мединг го истражува записот на личности кои се во врска со Латинска Америка, посебно Аргентина. Токму во тој период, Ајхман бега во наведената земја. Впрочем, како и многу други високи функционери на нацистичкиот режим.

Потемнети документи

Холгер Мединг ја зборува вистината, бидејќи токму тој имал увид во документацијата на БНД, водена за Адолф Ајхман. Значи, истражувачката комисија веќе почна со работа. Тие веќе ги истражуваат досиејата, кои досега делумно или целосно беа далеку од очите на „стручната јавност“.

Филозофот, Бетина Штангнет на друг начин ја согледува проблемиката на отварање на спорните досиеја. Во 2011 година таа ја објавува книгата „Ајхман пред Ерусалим. Животот на масовниот убиец“, во која се открива се` што успеала да дознае за него од разни документи. Ајхман не бил тивок бирократ на убиствениот систем. Тој бил убеден нацист и антисемитист, се' до погубувањето во 1962 година во Израел.

Adolf Eichmann quer

Организатор на Холокаустот: Адолф Ајхман во униформа на СС

За неа прикривањето на деталите од животот на Адолф Ајхман е скандал. „Нормално дека во едно такво досие мора да има затемнети делови, но само кога се работи за лични податоци на трети лица“. Тоа е прифатливо, вели Штангнет. Меѓутоа во записите за злосторникот, се крие многу повеќе од тоа. „Се прашувам само каква штета би можело да донесе јавната расправа за тоа какви биле активностите на разузнавачката служба пред повеќе од педесет години?“ Бидејќи БНД е подреден на канцеларот, отварањето на досиејата, наводно „би било многу штетно за федерацијата“, гласеше образложението на властите.

Ајхман 16 години можел да води нормален живот

Токму тоа е и најспорно. Што е тоа што разузнавачката служба документирала во досието на Ајхман, за германските власти и денес да мораат да го кријат. „Би можеле да се запрашаме, дали таму има нешто што и денес би можело да доведе до проблеми“, додава Штангнет. Многу повеќе за историјата на Сојузната разузнавачка служба е откриено последните неколку години. „Тука веќе нема никаква теорија на заговор дека тоа било ’личен континуитет’ од национал-социјализмот“, вели историчарот Холгер Мединг.

Adolf Eichmann in Argentinien lebend

Ајхман, се додека не падна во рацете на Мосад, живееше слободно во Аргентина

Поединечни службеници и соработници на службата Гелен, кои подоцна го основаа и БНД, биле активни и во нацистичкото време на тајните служби. Комисијата од избрани историчари се обидува да го открие нивниот број и да ги истражи нивните биографии. „Досега се веруваше дека дека биле само неколку, но можеби биле значително повеќе“, објаснува Мединг. РСХА се сметаше за главен штаб на разузнавачката служба на Третиот Рајх, централа во која бирократите организирале свирепи злосторства, вклучувајќи го и Холокаустот. Авторот на „рефератот“ за ликвидацијата на Евреите бил токму Адолф Ајхман.

Сознанијата за тоа, кој се` работел во главниот штаб на тајната служба на Третиот Рајх, укажуваат дека не е исклучено блиските соработници на Ајхман, можеби и свесно да ја избегнувале потрагата по него. Службата Гелен, претходник на БНД, знаела уште во 1952 година дека Ајхман се крие во Аргентина. И порано се претпоставувало дека германската разузнавачка служба знаела и за скривалиштето на избеганиот нацист - и во време кога Мосад ја изведе операцијата на киднапирање од Буенос Аирес. „Сепак ме изненади, БНД да го знаела тоа од порано“, раскажува Холдер Мединг.

„Касапот од Лион“ добивал плата од БНД?

Експертите се согласуваат во едно, нецензурираната верзија на досието на Ајхман ќе открие значајно повеќе информации за тоа со какви се` информации располагала БНД, за високорангираниот офицер на германските одбранбени сили СС, и национал-социјалист. Во исто време, и за поврзаноста на поранешните нацисти со мрежата на агенти на БНД. Токму благодарејќи на архивата на Сојузната разузнавачка служба, пред две години е откриено дека поранешниот СС-овец и воен злосторник Клаус Барби, познат како „Касапот од Лион“, бил на платен список на БНД.

Reinhard Gehlen

Рајнхард Гелен работел во тајната служба за Хитлер;подоцна ја основал службата Гелен која прерасна во БНД

Тој без никакви проблеми заминал за Латинска Америка. Во тоа наводно голема улога имала „Одесса“ (Организација на поранешни припадници на СС), која е разоткриена од ловците на нацисти, организацијата Симон Визентал. Подоцна се воспоставило дека „Одесса“ никогаш не ни постоела. Всушност, имало повеќе мали организиции кои го овозможиле префрлањето на воените злосторници во Латинска Америка и на Блискиот Исток.

„Ајхман најпрво бил префрлен во јужен Тирол, каде го дочекале аргентински документи“, тврди Бетина Штангнет врз основа на своите истражувања. Со други зборови во редовите на разузнавачката служба Гелен имало и поранешни нацисти, кои знаеле, не само за Адолф Ајхман дека се крие под лажно име во Аргентина, туку и за други воени злосторници.

Нови сознанија, најрано на крајот на 2013

„Ќе излезе на виделина, колку била БНД активна во Аргентина, какви контакти имала, и кој се` бил вклучен во тоа“, вели историчарот Мединг. Има и такви кои веруваат дека отворањето на досието Ајхман ќе открие многу повеќе. Бетина Штангнет е уверена дека резултатите од истражувањето на историчарите ќе не доведат и до денешницата.

Klaus Barbie Verhaftung Bolivien

Апсењето на Клаус Барби (под ќебето) во Боливија

Имало повеќе обиди да се поврзе БНД со одбраната на Ајхман и финансирањето на неговиот адвокат. На тоа посочуваат истражувањата на новинарите, а документите на Сојузната разузнавачка служба тоа и го потврдија во 2011 година. „Тоа што се` уште не го знаеме е колкаво било финансиското влијание?“, вели Штангнет. За време на судскиот процес против Клаус Барби во 1987 во Лион, на површина испливале исти имиња. Дали и тогаш била вмешана БНД?

Едно е извесно, случајот Адолф Ајхман е далеку од целосно разоткривање. „Се` се одвива премногу бавно“, тврди Бетина Штангнет. За тоа време, Холгер Мединг не може да зборува за тоа што го затекнал во досието на воениот злосторник. Истражувањето на комисијата ќе трае две години. Меѓутоа, на почетокот на декември годинава, се очекува објавувањето на првиот извештај.