1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Кој ги претставува САД на Климатската конференција во Бон?

САД најавија повлекување од Договорот за климата. Сепак, Американците се присутни на Конференцијата за климата која се одржува во Бон, и тоа двојно се застапени.

На самитот за климата кој се одржува во Бон, КОП23, се присутни бројни делегации, кои во двете недели имаат за цел да се договорат за правила на кои ќе треба да се придржуваат сите потписници на  Париската климатска спогодба.

 Шефовите на држави или влади доаѓаат во Бон следната недела, во последните денови од Конференцијата.

Американскиот претседател Доналд Трамп летоска најави повлекување на САД од Парискиот договор за климата, но процесот ќе трае три години, па САД и натаму важат за потписници на документот. Од тие причини, Трамп во Бон испрати мала делегација, со задача да учествува во креирањето на правилата. За улогата на ова делегација и нејзините ингеренции многу се дебатираше на првиот ден од самитот (06.11).

Прват годинава САД немаат свој сопствен павилјон на КОП23, речиси единствени меѓу индустриските нации. Но, вчера (09.11) сепак беше отворен еден павилјон, „US Climate Action Center" од страна на коалицијата „Ние и натаму учествуваме“. Групата е составена од американски гувернери, градоначалници и бизнисмени, на нејзино чело се гувернерот на Калифорнија, Џери Браун и поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг.

COP23 Weltklimakonferenz Bonn (picture-alliance/dpa/O. Berg)

Учесниците на КОП23 не знаат на која американска делегација да ѝ се обраќаат

Кој е овде шеф?

Тоа значи дека на КОП23 присуствуваат две меѓусебно конкурентски американски делегации. Учесниците на Конференцијата се прашуваат: кој зборува фактички од името на САД?

„Според мое мислење, делегацијата составена од градоначалници и претставници на сојузните држави ги презентира вистинските интереси на американскиот народ, зашто е поблиска до јавното мислење“, вели Алден Мајер, директор за стратегија и политика во „Здружението на загрижени научници“, кои се ангажираат на полето на заштита на климата. „Но, кога се во прашање официјалните преговори, надлежна е нашата влада, претставена од официјалната делегација“, вели Мајер.

Учесниците на Конференцијата се во дилема - дали треба да се концентрираат повеќе на официјалната или на неофицијалната делегација. Многумина не губат надеж и веруваат дека на крајот САД нема да се повлечат од Климатскиот договор, па се решени да се обраќаат првенствено кон неофицијалната делегација.

„Овде сме соочени само со една аномалија, и кој да дојде на власт по претседателот Трамп, повторно ќе ги врати САД во Парискиот климатски договор“, тврди Мајер.

Германската министерка за екологија, Барбара Хендрикс за Дојче веле истакнува - релевантен соговорник во прв ред се американските официјални претставници.

„Се радувам што американскиот министер за надворешни работи Рекс Тилерсон застапува исклучително урамнотежена позиција, убедена сум дека американската делегација нема да ги саботира преговорите.“ Хендрикс дополнува: „ Светот сѐ повеќе ги збива редовите, посебно по мега-ураганите во Карибите,  освен тоа, истапувањето на САД од Парискиот климатски договор го засили единството меѓу земјите-потписнички.“

COP23 UN Klimakonferenz in Bonn Eröffnung (Reuters/W. Rattay)

Министерката Барбара Хендрикс со борци од Фиџи на отворањето на КОП23

Финансиски и вакуум на моќ

Во меѓувреме, различни земји и финансиски институции вршат наново позиционирање, со цел да го пополнат вакуумот кој останува по САД. Кина стреми кон преземање водечка позиција и на годинешниот самит е присутна со голем павилјон. Од дипломатски извори протекува - кинеската делегација се обидува да врши големо влијание зад кулисите.

Оваа година и улогата на фирми и финансиски институции е зголемена во однос на претходните самити. Некои невладини организации веќе вложуваат жалби поради тоа што при преговорите во фокусот можат да доминираат силни финансиски интереси.

Гледај видео 01:27

Бон, глобално еко-село

САД се целосно изолирани

Настрана од егзистирањето две паралелни американски делегации на КОП23, сите учесници на самитот во Бон се огорчени од одлуката на Доналд Трамп за повлекување од Парискиот договор за климата. Дотолку повеќе, што САД наскоро би биле единствената земја на планетата, која не е потписник на договорот, откако во вторникот и Сирија соопшти дека му се приклучува.

„Владата на Доналд Трамп на климатско-политичко поле е на овој начин дефинитивно изолирана“, вели Сабине Минингер, експерт за клима од германската хуманитарна организација „Леб за светот“.

И 18-годишната Американка Софи Кивлехан е револтирана. Таа е внука на познатиот климатолог и бивш научник во НАСА, Џејмс Хансен.

„Возрасните се колнат дека нѐ сакаат нас младите. Но, јас очекувам зборовите да ги преточат во дела“, рече Кивлехан на прес-конференција на КОП23. „Ако и натаму ги следите своите себични цели, вашите деца ќе трпат екстремни последици“, им порача таа на возрасните во светот.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема