1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој ги вооружува сириските бунтовници?

Ембаргото за оружје за страните во конфликтот во Сирија на ЕУ е спорно. Противниците на испораката на оружје стравуваат од ескалација и од вооружување на исламистите. Меѓутоа ембаргото и без тоа има дупки....

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ го продолжија ембаргото за оружје за Сирија за уште три месеци. Во оваа земја може да се доставува само воена опрема со која не може да се убива ( заштитни елеци, детектори за мини...) Во Сирија недостасуваат многу нешта, но оружје има на претек“, изјави министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн. Европа и САД се залагаат за заминување од власт на претседателот Башар ал Асад, но се колебаат да испратат оружје за бунтовниците бидејќи стравуваат дека многу бунтовнички групи се всушност милитантни исламисти.

Релативно ембарго

Набљудувачите се согласни дека актуелното ембарго има многу дупки. Се верува дека пред се’ Саудиска Арабија и Катар ги помагаат бунтовниците, како финансиски, така и со оружје, додека пак улогата на Турција не е докрај јасна. „Веќе постојат испораки на оружје за бунтовниците преку западните тајни служби, но за тоа малку се знае“, вели за ДВ, Михаел Брзоска, експерт за безбедносни прашања од Германија. Познавачите тврдат дека на бунтовниците најитно им се неопходни противавионски ракети, за да можат да реагираат на воздушните напади на армијата на Асад, како и минофрлачи. Единствено тешко вооружување кое го имаат се противтенковските мини.

Од другастрана сирискиот режим и натаму може да смета на оружје од Русија, истакнува Брзоска, иако испораките се намалени со цел Башар да биде принуден на преговори. Другиот пат на снабдување со оружје води од Техеран преку радикалната шиитска група Хезболах. Дури и без тоа вооружување сирискиот режим од периодот на Студената војна има доволно воен материјал за да ја продолжи граѓанската војна до недоглед.

Повеќе оружје значи повеќе жртви?

Ембаргото за оружје, освен воени и политички има и хуманитарни и етички димензии. „Противниците на извозот на оружје во Сирија веруваат дека секоја нова пушка значи уште покрвави судири“, наведува Михаел Брзоска. „Досега бунтовниците главно се бореа со оружје од мал калибар. Кога би имале тешка артилерија, нивото на насилство несомнено би се зголемило. Од другастрана, противниците на ембаргото веруваат дека подобро вооружените бунтовници би можеле побргу да ја добијат војната, па со тоа вкупниот број на жртви би бил помал“, истакнува Брзоска.

Ејал Цисер, израелски експерт за Сирија, го потенцира моралниот аспект- бунтовниците, вели тој, очекуваат САД и ЕУ да им помогнат и со вооружување. „Бунтовниците се масакрирани од владините трупи. Би било чесно да бидат снабдени со оружје за да можат да се бранат од режимот“, смета Цисер. Од другастрана тој признава дека голем проблем е тоа што сириската опозиција не е единствена. „Никој не може да предвиди точно во чии раце би завршило испорачаното оружје“.

Страв од исламистите

Најголема грижа за Западот претставува токму можноста оружјето до дојде во рацете на радикалните исламисти, кои ги има во голем број во бунтовничките трупи. Радикалните групи така со модерно оружје би можеле да влијаат врз повоениот поредок во Сирија, како и да го користат тоа оружје за напади на американски и европски цели. Михаел Брзоска меѓутоа смета дека Западот во моментов нема никаков преглед на ситуацијата, бидејќи оружјето пристигнува од државите на Арапскиот полуостров. „Веројатно подобар инструмент би бил западните трупи да ги вооружуваат само оние групи во кои имаат доверба“, истакнува експертот за безбедност Брзоска.

DW.COM