1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој владее со светот?

ЕУ може да се спаси од должничката криза само преку заедничка политика. Но, моментално се чини дека политиката во Европа ја има изгубено водечката улога. Сега берзите го „водат орото“.

default

На почетокот беше финансиската криза од 2008-ма. Банките погрешно се „пресметале“ и државите, односно даночните обврзници, мораат да притекнат на помош и тоа со стотици милијарди. Пари што државите уште тогаш реално ги немаа на располагање. Затоа мораа да се задолжат. Каде? Кај банките! Така банкарската криза се претвори во должничка криза на државите. Од тоа посебно настрадаа оние европски држави, кои веќе со години на ред ионака деловно слабо работеа.

Следната фаза на кризата

И сега!? Додека Грција и Италија, но и Шпанија, Португалија, а се’ повеќе и други земји од ЕУ се борат да ја повратат или задржат ликвидноста, кризата стигна до следниот стадиум, кој можеби е и последниот. „Не станува повеќе збор за должничка криза на државите“, оценува Герд Хојслер, раководител на покраинската банка на Баварија. „Станува збор за криза на способноста на Европа да ги спроведе неопходните политички реформи.“

Lukas Papademos und Jose Manuel Barroso

Владите се „тркалаат“ една по друга: новиот грчки премиер Пападимос кај шефот на ЕК Баросо

Поконкретно, во многу земји има пензиски обврски, кои не можат да се остварат. Потоа, има цели финансиски сектори на кои им требаат итни реформи. За сите овие и слични проблеми Европејците сакаа да разговараат дури за 20 години.

Замачкување очи

Во секој случај европските политичари се чини во овој момент не сакаат да се соочат со подлабоките, структурни проблеми. Сите расправаат за некакви привремени мерки за спас, копјата се кршат околу воведувањето еврообврзници, околу уште поголеми „чадори за спас“ на еврото, околу улогата на Европската централна банка, која според волјата на мнозинството земји од еврозоната треба да уфрла на пазарите неограничени количества свежи пари.

Претседателот на Здружението на германската индустрија, Ханс-Петер Кајтел е убеден дека актуелната криза е прекомплициран проблем за повеќето политичари и менаџери и дека тие интелектуално не и’ се дораснати. Тој не се исклучува ни себе си од таквиот заклучок. Но, за канцеларката Ангела Меркел тврди дека спаѓа меѓу малубројните, кои ја разбираат актуелната дискусија. Таа имено, неодамна порача дека „ако политиката смета оти ќе ја разреши кризата со преземањето уште поголеми долгови, тогаш се лаже“. Таа исто така оцени дека Европа, доколку не е во состојба да ги менува и понатаму основните договори, ја загубила битката однапред.

Без брзање

На германската канцеларка и’ требаше подолго време за да дојде до овие заклучоци, но тоа е нормално, смета Анке Хасел, професорка по политичка економија на Hertie School of governance.

Frankreich Deutschland Gipfel G20 in Cannes EU Pressekonferenz Angela Merkel und Wolfgang Schäuble

Германскиот „двоец со кормилар“ во должничката криза: канцеларката Меркел и министерот за финансии Шојбле

Сите тврдат дека политиката мора да реагира побрзо, но тоа би значело дека таа мора да му се прилагоди на темпото на финансиските пазари, вели Хасел. Во демократските системи за одлуките е неопходно време. Тоа мора да се земе предвид дури и ако тоа значи дека во меѓувреме кризата се заострила. На забелешката дека политиката „има лоши карти“ ако само реагира на настаните на финансиските пазари, професорката Хасел реагира опуштено. Политиката е таа која ги поставува правилата на играта, вклучувајќи ги тука и берзите. Хасел, сепак, признава дека за промена на правилата е потребен консензус на што е можно поголем број држави. Во најдобар случај тоа би биле членките на групата Г 20 или барем оние на ЕУ. Германија сама во тој поглед не може да смени многу.

Итно гаснење на пожарот

Колку е тешко да се постигне таков консензус меѓу клучните играчи покажува проблемот со воведувањето данок на финансиски трансакции. По ова прашање постојат огромни разлики, како меѓу земјите од ЕУ, така и меѓу оние од Г 20. Воопшто политиката до сега стори многу малку за регулирање на финансиските пазари. Згора на тоа, Европјците не успеаја да ги уверат берзите дека ќе ја стават под контрола должничката криза. Наместо тоа, кризата се шири се’ повеќе и ако пожарот наскоро не биде изгаснат, тогаш политичарите нема да имаат многу простор за маневрирање и за спроведување на неопходните реформи, смета Беатрис Ведер ди Мауро.

Jose Manuel Barroso und Mario Monti in Brüssel

И новиот италијански премиер Монти беше на гости кај Баросо

Таа предупредува дека проблемите со ликвидноста на државите од ЕУ може многу брзо да се претвори во нивна инсолвентност.

Беатрис Ведер ди Мауро е член на советодавната комисија на германската влада, која во најновиот извештај предложи создавање фонд за бришење на долговите. Во него би требало да се префрлат сите финансиски обврски на државите од еврозоната, кои ја надминуваат границата од 60% од БДП. За враќањето на долговите од овој фонд би требало да гарантираат државите од еврозоната со заеднички сили. Тој би требало да се укине за околу 20 години, предлага експертката Ведер ди Мауро. Според неа, со ваквото решение на земјите ќе им се овозможи ефикасно да се борат против остатокот од долговите и да ги намалат. Така би можело и да ја испочитуваат пропишаната граница од 3% ново задолжување.

Двојна тактика

Експертите сметаат дека на политичарите на им останува уште многу време. Ако не успеат да им влеат доверба на финансиските пазари, тогаш нема да имаат доволно простор за спроведување на реформите неопходни за консолидирање на буџетите. Експертите затоа препорачуваат двојно решение: од една страна, треба да се спроведат потребните промени на договорите од еврозоната, со што обврските за консолидирање на буџетите ќе станат задолжителни и ќе предвидуваат санкции за прекршителите. Од друга страна, неопходно е воведување некаков вид заедничка одговорност за долговите - преку спомнатиот фонд за долгови, преку еврообврзниците или некое трето решение. Во секој случај тоа е неопходно, барем на одредено време!

Автор: Сабине Кинкарц / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски