1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Која е тајната на најуспешните жени менаџери во Македонија?

Голема пожртвуваност и љубов кон работата, максимално професионална работа, да ги поминеш сите скалила во фирмата и да знаеш да создадеш тим, а денешната работа никогаш не ја оставај за утре е мотото на успешните жени.

default

Агенцијата „Марили“ – Скопје вечерва ( 28 март во хотелот Континентал) по 17 пат ќе ги прогласи најуспешните десет жени менаџерки на Македонија за 2012 година. Целта на манифестацијата е да се промовираат вистинските вредности и позитивни примери од областа на бизнисот.

Лидија Трипуноска генерален менаџер на „Марили“ за ДВ појаснува:

„Успешните жени менаџерки се од најразлични области и дејности во економијата и се избрани според утврдени критериуми“.

Драгана Чифлиганец - една од најмладите и најуспешните жени менаџерки

Во листата на десетте најуспешни жени менаџерки на Македонија е и 29 годишната Драгана Чифлиганец, извршен менаџер на „АДОРА Инженеринг“ од Скопје. Таа е родена радовишанка која основното и средно образование го завршила во Скопје, а продолжила да се дообразува  на англискиот универзитет „Шефилд“ во Солун, Република Грција. Како најдобар студент добила стипендија и магистрирала од областа на маркетингот и се вратила дома во Македонија. Била во дилема да продолжи да се школува во странство или да остане во Скопје и да работи во семејната фирма. Веќе пет години успешно работи, а ги поминала сите скалила да дојде на сегашната функција извршен менаџер. Воедно се дообразува и при крај е со своите докторски студии на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

За да дојде до оваа титула таа  за ДВ ни го дава својот рецепт:

„Патот кон успехот е скала која треба да се почне од почеток, а треба да знаеш како се работат и најосновните работи во фирмата, се‘ до највисоката позиција. За успешен менаџер треба да се поминат сите фази од почеток и да се знае секој процес. Иако работам во фамилијарна компанија, јас сите скалила ги поминав со многу труд и пожртвуваност и стигнав на сегашната позиција. Но сето тоа не е можно ако немаш добар тим со себе. Јас тоа успеав да го постигнам и 'АДОРА Инженеринг' од 117 те место за овие пет години се искачи меѓу првите 13 - тте најуспешни македонски фирми. Како жена менаџер вложувам во континуирано образование и усовршување на своите 230 вработени, ширење на бизнисот и отварање на нови перспективи. Моето мото е - Само делата се вистина“.

Радмила Димовска - стоматолог со ординација според европски и светски стандарди

Меѓу најуспешните жени менаџерки е и 42 годишната Рамила Димовска, стоматолог специјалист, генерален менаџер на стоматолошката ординација „Круна МС“ од Скопје. Љубовта кон стоматологијата  од најрана возраст ја остварува дипломирајќи на Стоматолошкиот  факултет при универзитет во Скопје како еден од најуспешните студенти. Магистрира и постојано се усовршува на светски конгреси и семинари, а сега е пред одбрана на докторската дисертација за расцепите на устата и непцата кај новороденчињата, а за што планира да состави и тим. Веќе 20 години успешно раководи со ординацијата „Круна МС’’ во Скопје заедно со тим од уште двајца лекари од кои еден специјалист и еден техничар. Ординацијата работи со најсовремена опрема и светски стандарди како оние во Германија, Швајцарија, Америка и Јапонија. Димовска секојдневно учи и сите најнови методи од областа на стоматологијата континуирано ги воведува во својата ординација. За најиновативност на полето на естетската и функционална стоматологија, лани ја добива наградата Супер бренд на Македонија. За ДВ таа ни појаснува:

„Моето мото е - насмевка на секој пациент кој излегува од ординацијата. Успешна жена е онаа која од себе го дава својот максимум, да има отворен ум, самодисциплина и да биде свесна за секоја одлука што ја носи, да стои пред сите предизвици, храбро и достоинствено, да биде високоефективен и морален човек кој знае успешно да баланисира помеѓу четирите најважни потреби: да живееш, да сакаш, да научиш и да оставиш трага. Јас успеав во  сето тоа и го живеам својот сон‘‘, потенцира Димовска.