1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

“Кошмарот заврши”

Реакции во Европскиот парламент во Брисел на исходот на изборите во САД

Мартин Шулц

Мартин Шулц

На изборите во САД Демократите освоија мнозинство во Претставничкиот дом на Конгресот, а судејќи според се’ ќе имаат мнозинство и во Сенатот. Министерот за одбрана Доналд Рамсфелд, кој беше сметан за најсилен заговорник за војната во Ирак, мораше да си замине од функцијата како последица на изборниот дебакл на Републиканците, за кој во многу придонесе темата Ирак. Како гледаат на исходот на изборите пратениците во Европскиот парламент?

“Кошмарот заврши” - Мартин Шулц, шеф на фракцијата на социјалдемократите во Европскиот парламент не ја скрива радоста поради изборната победа на Демократите и повлекувањето на министерот за одбрана Рамсфелд. “Од мој личен агол на гледање полека му доаѓа крајот на еден кошмар. Владата на Џорџ Буш ја сметам не само за кошмар за САД, туку и за меѓународната политика”, дообјаснува Шулц. Добро е, вели тој, што човекот кој дејствува од религиозни убедувања и кој е одговорен за катастрофалната состојба во Ирак, сега веќе не ќе може да пали и да гасне како што сака.

Претседателот на фракцијата на конзервативните партии во европарламентот Елмар Брок не гледа толку еуфорично на победата на Демократите: “Гледам можност Соединетите Држави во догледно време да го напуштат Ирак. Тоа би бил пораз за нив, а со тоа и за Западот, и би водело до дестабилизација на целиот регион. Ова покажува колку беше погрешно решението да се влезе во таков конфликт без стратегија за негово окончување”.

Брок гледа шанса за повторна поблиска соработка на САД и ЕУ и за подобрување на трансатлантските односи: “Сметам дека од ова сега настанува неопходност да се изработи заедничка позиција на Европејците и Американците во една мешавина од превенција, цивилен кризен менаџмент и воени средства. Со тоа постои шанса борбата против тероризмот да се стави врз поширока база”.

Но, за Европејците тоа би можело да значи повеќе задачи и поголема одговорност - на пример во Авганистан, искажуваат задршки дипломати во Унијата.Социјалдемократот Мартин Шулц верува во доближување на Европејците и Американците: “Сигурно е дека американските Демократи се многу поблиску до нас во меѓународната политика, а - ако го погледнеме Ал Гор – и во политиката во однос на климата исто така. Ние полагаме голема надеж врз новото мнозинство во Конгресот”.

Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт предупреди од верувања дека сега се’ ќе биде поедноставно. Мнозинството на демократите ќе има и негативни влијанија, на пример врз трговската политика и преговорите за либерализација на светската трговија. Демократите се понаклонети кон протекционизам од Републиканците, вели Билт.

Премиерот на Данска Андерс Фог Расмусен изрази надеж дека претседателот и Конгресот во Соединетите Држави ќе дејствуваат заеднички, за да најдат единствена линија во Ирак и Авганистан.