1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Кошаркарската легенда која го спаси „Најк“

Мајкл Џордан денеска го слави 50-от роденден. Во својата кариера освои речиси се’ што еден кошаркар може да освои. Експертите велат дека без Џордан денес веќе не би го имало ниту концернот „Најк“.

Тешко е да се каже нешто ново за исклучителниот кошаркарски талент кој собираше рекорди и највисоки спортски одликувања, како да се сликички од чоколади. Како млад кошаркар и со бројот 23 на дресот, макар што подоцна ги носеше и броевите 45, а еднаш и 12, бидејќи дресот со бројот 23 му беше украден, постигнуваше рекорди по бројот на бодови на еден натпревар. Вкупниот просек по натпревар во НБА лигата му изнесуваше 30,1 погодок!

Michael Jordan 1997 Finals NBA

За играта на Џордан сите се прашуваа - дали е ова возможно?

Тоа е првиот кошаркар кој уште на почетокот од својата кариера во НБА ја освои и титулата најдобар нов играч, најдобар играч во одбраната и најкорисен играч во лигата – титула која вкупно ќе ја освојува петпати. Десетпати е избран во „тимот од соништата“ на НБА, а со националниот кошаркарски тим двапати го освои и златото на Олимпијадите. Затоа и не изненадува што многу спортски организации и медиуми го вбројуваат, ако не како најдобар, тогаш меѓу најдобрите спортисти на сите времиња.

Вонземјанин на паркетот и надвор од него

Професорот Андре Билер, директор на германскиот Институт за маркетинг, нагласува една друга вештина на Џордан. Тој веројатно е првиот и единствен спортист кој спасил една цела компанија – американскиот производител на спортска опрема „Најк“.

„Се’ започна во 1984 година, кога Мајкал Џордан се’ уште беше непознат почетник. На ’Најк’ му одеше се’ полошо и одлучено беше целиот буџет за промоција и реклама од 500.000 долари да се вложи само во Џордан. Со Џордан е создаден нов бренд и од компанијата се впуштија во проклето голем ризик, но тој се исплатеше. Џордан го спаси ’Најк’ од пропаст. Само во неговото активно доба ’Најк’ со него постигнуваше промет кој надминуваше две милијарди долари. Денес Мајкал Џордан практично е една од главните марки на ’Најк’, а Џордан секогаш му остана верен на тој производител“, вели Билер.

Michael Jordan Schuhe Air Jordan

Мајкал Џордан го спаси Најк, бидејќи секое момче сакаше патики од марката Аир Џордан

Сепак на прашањето – кој кому повеќе му помогна, Џордан на „Најк“ или обратно, професорот е јасен:

„Џордан секако дека го доби вниманието на јавноста, но тој спортист би станал легенда и без ’Најк’. Често се споменува вин-вин ситуација, но тука добитникот всушност беше само едната страна – Најк. Мајкл Џордан и со други партнери би станал она што е, бидејќи Џордан е нешто посебно и во кошарката и во спортот – и во маркетингот“.