1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Коста Конкордија“ се исправи

Во минатото патничкиот брод привлекуваше со четири базени и казино. Сега е само куп смет. Но, и покрај тоа трупот на бродот „Коста Конкордија“ е повторно исправен.

Операцијата која почна вчера утрото е успешно завршена во текот на ноќта, изјави шефот на италијанската цивилна заштита, Франко Габриели на островот Џиљо. Бродот долг 290 метри, кој е голем колку една единаесеткатница, повеќе од 20 месеци се наоѓа пред брегот на Тоскана во Средоземното Море.

Огромен ангажман - огромни трошоци

Акцијата се смета за големо достигнување на стручњаците. Никогаш досега не бил откопан толку голем патнички брод. Бродот „Коста Конкордија“ е повеќе од двојно поголем од бродот „Титаник“ и тежи повеќе од 1.000 тони. Затоа ова е и најскапата акција на откопување на еден хаварисан брод. Се проценува дека трошоците ќе изнесуваат повеќе од 600 милиони евра.

Несреќата на „Коста Конкордија“ се случи на 13. јануари 2012 година. Со бродот патуваа 4.229 патниции членови на екипажот. Исправувањето на трупот на бродот започна вчера (16.09.) со тричасовно задоцнување. Бродот притоа требаше да биде одвоен од карпата на која се потпираше и да биде исправен за вкупно 65 степени.

Откако е исправен „Коста Конкордија“ треба да биде прицврстен на платформа фиксирана за тлото на морето. Дури идната пролет кога ќе минат зимските бури, бродот ќе може да биде пренесен на друго место и потоа да биде расклопен.