1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Коста Конкордија“ може да потоне

Откако вчера беше прекината спасувачката акција, денеска нуркачите повторно треба да влезат во хаварисаниот брод „Коста Конкордија“ пред брегот на Тоскана. Времето притиска бидејќи кон регионот се приближува невреме.

default

Хаварисаниот брод е опасно навален

Потрагата по исчезнатите на бродот „Коста Конкордија“ вчера мораше да биде прекината од безбедносни причини бидејќи хаварисаниот брод се придвижи, со што се зголеми опасноста за спасувачките екипи. Според италијански извори од вчера вечер 21 лице се’ уште се водат како исчезнати. Една Германка која беше пријавена како исчезната, информира Службата за цивилна заштита од провинцијата Гросето, вчера се пријавила кај германските власти.

Schiffsunglück Italien Costa Concordia

Спасувачите имаат проблеми со пристапот до бродот

Мали се шансите за наоѓање преживеани

Шансите да бидат пронајдени преживеани на бродот „Коста Конкордија“ се речиси еднакви на нула. Горниот дел на бродот, кој е над вода, во меѓувреме е целосно пребаран. Сега спасувачката акција е насочена кон тоа да бидат пронајдени жртвите и истите да бидат идентификувани. Но, спасувачката акција се одвива под временски притисок, кон италијанскиот брег се движи невреме, поради што за утре се очекуваат бранови високи од пет до шест метри. Се стравува дека бродот би можел да потоне поради невремето.

Министерот за животна средина Корадо Клини вчера го информираше италијанскиот парламент: „Ваквиот развој на временската ситуација би можел да предизвика поместување на бродот кон длабочината“, изјави министерот и дополни дека засега не може да се предвиди какви ќе бидат последиците за бродот и животната средина.

Испумпувањето на нафтата од резервоарите на „Коста Конкордија“ во таков случај би се одвивало многу потешко. Според новинската агенција Анса холандската фирма „Смит“ уште в сабота би можела да почне со испумпување на 2400 тони нафта од бродот, кое според проценките би траело повеќе недели.

Schiffsunglück Italien Costa Concordia Kapitän Francesco Schettino

Фатална грешка на капетанот Франческо Скетино

Капетанот тврди дека не сакал да бега од бродот

Капетанот на бродот Франческо Скетино во меѓувреме пред судот признал дека направил грешка. „Некои работи тргнаа наопаку, оти предоцна свртив“, го цитира капетантот весникот „Кориере дела Сера“. „Се раководев од видливоста, оти го познавам тлото на морето.“ Тоа е рута „по која пловев три-четири пати, но оваа карпа ме изнанеди“, изјавил Скетино. Според италијанските медиуми, Скетино изјавил дека причината зошто не ја координирал евакуацијата директно на бродот е поради технички проблем. Капетанот тврди дека не сакал да избега од бродот.

Автор: АТ/ ТК/ дпа

Редактор: Жана Ацеска