1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Косовските Срби го отрфрлија договорот со Приштина

Договорот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина е неприфатлив за косовските Срби. Не вроди плод ниту средбата на српскиот државен врв со нивните претставници.

Претставниците на Србите во Северно Косово на вчерашната средба со српскиот премиер Ивица Дачиќ и вицепремиерот Александар Вучиќ изјавија дека договорот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина за нив е неприфатлив и нема да учествуваат во неговата имплементација. Претседателот на Општината Зубин поток Славиша Ристиќ истакна дека косовските Срби не го прифаќаат договорот бидејќи во него „не се зборува за Србија, а само за интеграција на Србите во така нареченото независно Косово“. Тој истакна дека косовските Срби ќе ја бојкотираат имплементацијата на договорот и ги обвини преговарачите дека не требало да ги прифатат поставените услови. Претставниците на косовските Срби најавија дека ќе организираат и протести против договорот.

Потпретседателот на српската влада Александар Вучиќ изјави дека Владата е подготвена да распише референдум за бриселскиот договор за Косово, но само под услов косовските Срби да ги прифатат неговите резултати и да учествуваат во примената на договорот.

За постигнатиот договор со Приштина денеска ќе се расправа и во српскиот парламент, а на крајот на денот треба да се гласа и за извештајот на српската Влада за дијалогот за Косово. Се очекува мнозинството пратеници да го прифатат договорот.