1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Косовска реалност во Берлин

Во Берлин е во тек шестото Биенале. Изложбата на современа уметност во германската метропола се одвива веќе 12 години, а се чини дека интересот на публиката е се‘ поголем.

default

Катрин Ромберг кураторка на Шестото Биенале во Берлин

Клаус Бисенбах го основаше Биеналето во Берлин во 1998 година, со намера  младите уметници на некој начин да ги вклучи во светската уметничка сцена. Намерата, како што признава гордо деновиве, му е повеќе од успешна:

„Шест Биеналиња, 12 години подоцна, се‘ уште е важно што во Берлин го имаме овој излог за актуелниот развој на современата уметност, верувам дека овде е почетокот на многу кариери.“

Биеналето годинава во населбата Кројцберг

Еден од талентите чија кариера би можела да започне вртоглаво по Биеналето е Катрин Ромберг. Младата Берлинчанка го осмисли годинешното Биенале и од центарот на градот го премести во квартот Кројцберг.

Biennale Berlin Flash-Galerie

И клупите на кои седат жени со мигрантско потекло се инсталација подготвена за Биеналето

„Кројцберг е интересна населба, еден од најинтересните делови на градот, зашто носи силен печат на работната миграција од 50-те години на минатиот век. Овде е видлива коегзистенцијата на гастербајтерите со т.н. мнозинско општество. Кројцберг е кварт кој ќе ја отсликува на некој начин иднината на европските општества“, објаснува Катрин Бисенбах.

Биеналето оваа година под нејзино водство носи наслов „Што не‘ очекува надвор“. Таа сака да покаже како реагира уметноста на актуелните случувања, терористички напади, миграции, војни, финансиска и еколошки кризи.

Трауми и миграциски приказни од Косово

Особено е впечатливо остварувањето на Косовецот Петрит Халилај, кој во широката хала довел оригинален скелет на куќа, која тој ја изградил со семејството по крајот на војната во Косово.

„И ова е еден вид проект на иднината, зашто семејната куќа била уништена во војната во Југославија со сите трауми и миграциски приказни кои одат заедно со тоа. Тој сега во Приштина гради нова куќа, која нема никаква историја, ориентирана кон иднината.“

Biennale Berlin Flash-Galerie

Скелетот од куќата на Петрит Халилај

Со тоа, истакнува Катрин Ромберг, уметникот ја доведе косовската реалност во Берлин. Реалност, која одамна е закотвена во секојдневието на германската метропола, иако тешко видлива. Зашто, на клупите кои се поставени деновиве во Кројцберг, меѓу турските жени, студентите и невработените веројатно седи и некој косовски бегалец, кој се чуди зошто сега одеднаш сите разговараат меѓу себе. Тој сигурно не знае дека клупите ги поставил уметникот Рон Тран, роден во Сајгон, за да ги натера луѓето седнати збиени едни до други, да си погледнат в очи, да разменат некој збор.

На Биеналето вкупно 43 уметници изложуваат фотографии, видео снимки, инсталации.

Автор: Зилке Бартлик / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска