1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Косово - цутат сиромаштија и сива економија

Куќата на сиромаштијата во Европа се вика - Косово. Тоа го покажуваат и најновите податоци на Европската комисија. Според најновата студија, просечниот годишен приход по жител на Косово изнесува само 900 евра. За споредба, во Босна и Херцеговина просечниот приход е 1 400 евра, во Албанија 1 600, во Македонија и Србија и Црна Гора 2 000, а далеку напред се наоѓа Хрватска со 5 400 евра просечен приход. Оттука, не е за чудо што работата на црно и криминалот цутат. Уште пред војната во 1999 година, Косово беше европската сиромашна куќа. Потоа ситуацијата уште повеќе се влоши. Од еуфоријата и големите надежи што по војната можеа да се чијат на секој агол, речиси ништо не остана. Денеска секој втор жител на Косово живее во сиромаштија. Министерот за труд и социјала, Ахмет Исуфи, вели дека за косовската влада е невозможно да се бори против оваа сиромаштија ефективно- зашто буџетот е ограничен: "Социјалната состојба на Косово е многу тешка. Во моментов преку 50% од жиетлите живеат во сиромаштија, а 12% дури и на егзистенцијален минимум. Нашето министертсво се обидува да излезе на крај со оваа ситуација, но со капацитетите што сега ни' стојат на располагање, не може да се направи ништо." Тоа конкретно значи: на Косово повеќе од 52 илјади семејства имаат потреба од поддршка секојдневно. од социјална помош живеат 6 500 воени инвалиди и семејства на загинатите. Таа помош изнесува само 62 евра месечно. Особено погодени се пензионерите, кои месечно мора да излезат на крај со само 36 евра. Но, и за оние што работат, ситуацијата не е многу подобра. Вработените просечно добиваат бруто плата од нешто помалку од 180 евра. Тоа е само нешто повеќе од половината која на едно просечно косовско семејство му е потребна за да живее - 336 евра. За да можат да живеат, многу Косовари се впуштаат во економската сива зона. Министерот Исуфи е свесен за тоа: "Реално кажано, нашиот народ може да преживее само поради тоа што постои широко распространета сива економија. Има и други извори на пари, кои не се регистрирани. " Како и во останатите земји на Балканот, на Косово расте криминалот. Од друга страна, се кристализира еден мал слој богаташи, чие богатство потекнува во поголемиот дел случаи од сивата економија. Исуфи вака ја опишува ситуацијата: "Во последните четири години на Косово немаше законски систем за ефиканска борба против стопанскиот криминал. Во Косово, во моментов владеат три страни - меѓународната управа, косовската влада и косовската Агенција за приватизација. Во време кога има тројца господари, вратите за злоупотреба и криминал се широко отворени." Косово води и на негативната листа кај темата невработеност. Некои експерти проценуваат дека невработеноста изнесува две третини од работоспособното население. Речиси сите надежи и соништа на младите, кои од Германија или други западни земји се вратија дома, се распрснаа. Многумина се сити од само ветувања за подобра иднина. Тие сонуваат поинаков сон - повторно да се вратат дома - но ова дома е некаде на запад.