1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Косово посегна по реципроцитетот и воведе визи за граѓаните на БиХ

Со оглед дека БиХ и покрај повиците на Приштина, не го укина визниот режим за косовските граѓани,Косово воведе визи за граѓаните на БиХ. Одлуката е очекувана, како и последиците. Ќе страдаат обичните граѓани и бизнисот.

Министерот за надворешни работи на Косово Енвер Хоџај во повеќе наврати изјавуваше дека , доколку БиХ до 15. јануари не го укине визниот режим за граѓаните на Косово, Приштина ќе постапи реципрочно и ќе воведе визи за граѓаните на БиХ „Во текот на овие шест години властите во Сараево се покажаа неодговорни во однос на Косово и неговите граѓани, кои аплицираа за визи под многу тешки услови за да можат да патуваат во БиХ. Ова не е во духот на регионалната соработка која ја имаме со други земји“, напиша Хоџај на крајот на минатата година на неговиот Фејсбук профил.

Членот на Претседателството на БиХ. Бакир Изетбеговиќ тврди дека ваквата одлука не претставува изненадување. „Ова е и очекувана одлука бидејќи БиХ тука треба да направи некаков исчекор и поради односите со Косово и поради нашите стопанственици кои одржуваат деловни врски со Косово. Се надевам дека тие работи забрзано ќе се решаваат“, рече Изетбеговиќ.

Комплицирани процедури за добивање визи

Граѓаните на Косово до 2010. година во БиХ може да влезат само со посебно одобрение на Советот на министри на БиХ и тоа ако се проценеше дека нивното доаѓање е во интерес на БиХ. Оваа практика беше променета на иницијатива на Министерството за надворешни работи на БиХ, така што Косоварите за босанска виза, која се издава на посебен лист хартија, можат да аплицираат во амбасадите на БиХ во Скопје, Белград или во Подгорица. Откако Косово во средата (22.1.) ја воведе реципрочната мерка, граѓаните на БиХ кои би сакале да патуваат на Косово најнапред ќе мора да патуваат во Тирана во тамошната косовска амбасада каде визата ќе ги чини 40 евра.

Стручњаците тврдат дека воведувањето на визи за граѓаните на БиХ директно ќе влијае врз трговската размена меѓу БиХ и Косово, со оглед дека Косово е една од ретките земји со кои БиХ има позитивен трговски биланс. Помошникот министер за надворешни работи ба БиХ задолжен за билатерални односи Амер Капетановиќ вели дека Советот на министри на БиХ го разгледувал предлогот според кој БиХ би требало да постапи како други европски земји, кои не ја признаваат независноста на Косово, но ги признаваат патните исправи на оваа земја. Предлогот потоа бил упатен до Претседателството на БиХ.

Поради политиката трпи економијата

„Со Косово треба да се направат определени административни аранжмани, кои нема да прејудицираат признавање на статусот на Косово. Босна и Херцеговина годишно на Косово извезува стока во вредност од 70 до 80 милиони евра. Јавноста во БиХ притоа би морала да знае дека стока на Косово еднакво извезуваат како фирми од Федерацијата, така и фирми од Република Српска. Тоа се економски интереси кои треба да бидат земени предвид. Ако Претседателството го усвои предлогот и БиХ да ги признае патните исправи на Косово, мислам дека ќе ја релаксираме ситуацијата“, изјави Капетановиќ.

Bosnischer Pass

Одлуката на владата во Приштина да воведе визи за граѓаните на БиХ, покрај претприемачите, најмногу ќе ги погоди граѓаните на БиХ со потекло од Косово, смета претседателот на Заедницата на Албанци во БиХ, Мухарем Зејнулаху. „Нашите роднини и пријатели од Косово имаат големи проблеми при доаѓањето во БиХ, бидејќи земјата не само што не ги признава косовските патни исправи туку за Косоварите бара и посебни визи. Сега Косово воведува реципрочна мерка така што и ние од БиХ, кои немаме други документи освен босанско-херцеговските ќе имаме проблеми при одењето на Косово. Владата во Приштина ги најави овие мерки, но во БиХ за жал немаше соодветна реакција“, вели Зејнулаху за ДВ.

Поради противењето на српските претставници во институциите на власта, БиХ сѐ уште го нема признато Косово како независна држава. Аналитичарите потсетуваат дека БиХ и порано била колатерална штета на односите Белград-Приштина, и оти политичките односи во регионот и денес ги загрозиваат економските процеси.