1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Косово подготвено за историскиот меч

ФИФА му дозволи на Косово да игра пријателски фудбалски натпревари на клупско и репрезентативно ниво, со одредени ограничувања. Во српскиот фудбалски сојуз спорат со одлуката.

Одлуката се толкува како голем успех за Косово, шест години откако земјата прогласи независност од Србија. Во српскиот фудбалски сојуз не се задоволни со одлуката и тврдат дека таа не е легитимна.

„Тоа е еднострана одлука на ФИФА, слично како и кога минатата година на косовските млади екипи од т.н. Фудбалски сојуз на Косово им беше дозволено да играат пријателски меѓународни натпревари“, вели за ДВ, генералниот секретар на Фудбалскиот сојуз на Србија Зоран Лаковиќ. Тој вели дека конечниот став на ФСС во врска со оваа одлука ќе биде познат по евентуалното усвојување од страна на Извршниот комитет на ФИФА, на седница која ќе биде одржана кон средината на март.

За разлика од него, во Фудбалскиот сојуз на Косово (ФСК) одлуката ја сметаат за конечна и се радуваат поради можноста за одигрување пријателски мечеви со други земји кои го признале Косово.

„За нас ова е многу важна одлука, бидејќи ние сме единствената земја во светот која не е официјално примена во ФИФА и УЕФА, а сепак ќе можеме да вршиме трансфери на играчи и да организираме пријателски мечеви“, вели претседателот на ФСК, Фадиљ Вокри.

Прекршен Статутот на ФИФА

Лаковиќ тврди во случајот е прекршен статутот на ФИФА и на УЕФА. Според правилата, една земја најпрво мора да стане членка на ОН за да аплицира за членство во фудбалските организации.

Fadilj Vokri

Фадиљ Вокри

„Од ФИФА бараме да се почитува највисокиот нормативен акт, а тоа е статутот и тоа не само во овој случај туку и во сите други. За нас е апсолутно неприфатливо играњето на какви било официјални мечеви, а особено е неприфатливо членството на Косово во УЕФА и ФИФА“, тврди Лаковиќ.

Фадиљ Вокри е свесен дека приемот на ФСК во меѓународните фудбалски организации ќе оди тешко, но се надева дека одлуката за играње на пријателски натпревари ќе биде само привремена и оти наскоро на косовските екипи ќе им биде овозможено да учествуваат и на официјални мечеви.

Во одлуката на ФИФА има и ограничувања, а едно од најконтроверзните за кое досега немаше официјално образложение е и одлуката да му се забрани на Косово да игра натпревари против селекции од поранешна Југославија. Лаковиќ претпоставува дека тоа е сторено за да „не се зголемуваат тензиите на територијата на екс Југославија“.

„Мислам дека до таа одлука дојде по последниот случај со Јосип Шимуниќ кој извикуваше спорни пароли. Цел на одлуката е да се спречат хулиганизмот и избувнувањето на националистички пориви“, вели Вокри.

Подготвени за историскиот меч

Како и да е, во Косово веќе наголемо траат подготовките за мечот кој има „големо историско значење“. Во јавноста веќе се шпекулира со можните противници. Се споменуваат САД, Турција, па дури и Германија.

Bundesliga 31. Spieltag: FC Bayern München - SC Freiburg Shaqiri

Ѓердан Шаќири ќе има право на настап за Косово

„Засега нема договор, но бараме противник за историскиот дуел. Иако инфраструктурата на стадионот во Приштина не ги исполнува условите, се надеваме дека ФИФА ќе ни дозволи да играме“, вели Вокри.

Што се однесува до играчите, ФСК веќе добил известување дека право на настап ќе добијат сите играчи со потекло од Косово, со оглед на тоа што се работи за нова држава. Доколку прифатат да играат за Косово, новата репрезентација уште на стартот би имала силен тим со ѕвезди како Ѓердан Шаќири, Гранит Џака, Валон Бехрами, кои во моментов играат за Швајцарија, Лорик Цана кој настапува за Албанија, како и големиот талент Аднан Јонузај кој се уште нема репрезентативен настап.

Сите овие играчи сами ќе треба да одлучат за кого ќе настапуваат, но во ФСК се уверени дека нема да има правни пречки за да го сменат репрезентативниот дрес.