1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Косово - оценки на експерти

Немири на Косово

Немири на Косово

На прашањето зошто ситуацијата на Косово во овој момент толку се запали, познатиот германски експерт за Балканот, Франц Лотар Алтман, инаку научен соработник на Институтот за меѓународни односи и безбедност во Берлин, одговара:

”Тоа може да се случи во кој било момент. Напнатоста меѓу Албанците и Србите постои и недостига само жарче кое ќе го запали тој фитил. А, таков жар беа два настани: пукањето на едно момче и две мртви албански деца во Ибар. Овде во прашање се млади и деца, и населението е тука особено чувствително и многу брзо се активира, особено затоа што е постојано фрустрирано. Тука се уште и екстремните елементи на двете страни кои се активни и не сакаат многу продолжување на техничките разговори меѓу Белград и Приштина, Исто така, тука е новиот српски премиер, Воислав Коштуница, кој рече – ние сакаме покраина поделена на кантони, со јасни етнички граници. А, тоа е нешто, што на екстремните Албанци кои го гледаат Косово како независно, не им одговара. Значи, се поклопија различни моменти.”

Со сличен поглед на работите е и колегата на Алтман, Душан Рељиќ, кој исто така работи на Институтот во Берлин. Тој, во однос на факторите кои доведоа до актуелната ситуација, набројува:

”Покрај приближувањето на изборите во покраината, причина секако е и доаѓањето на новата влада во Србија, која и покрај тоа што има поинаков пристап кон Косово во споредба со претходната влада, сепак пристапи кон преговори со владата во Приштина. Тоа се т.н. технички преговори, но сеедно, тоа сепак значи воспоставена комуникација меѓу Белград и Приштина, а тоа не им одговара на екстремистите на едната и на другата страна. Трет фактор кој предизвика промена на политчката ситуација на Косово е – стана јасно дека никој не верува оти рокот, годината 2005-та, што меѓународната заедница ја определи како година кога ќе биде преиспитано исполнувањето на демократските стандарди, за да може да се говори за решавање на конечниот статус на Косово, ќе биде испочитуван. За една година очигледно стандардите не можат да бидат исполнети. Сето тоа ги поттикна екстремните сили на Косово да се обидат да создадат нова ситуација, а реакциите во Белград исто така им дојде на рака на екстремистите кои ноќеска палеа џамии во Белград и Ниш.”

Каде е решението? Франц Лотар Алтман, вели:

”Кога тоа би го знаел, би бил најиспрашуваниот човек на светот. Моментно решение е разделување. Дали тоа раздвојување треба да следи етничка линија, или како што предлага Коштуница – кантони , за тоа треба да се размисли. Но, тешкотијата е во тоа што албанската страна не е подготвена да размислува за тоа. Можеби одвојувањето е навистина единствена можност, зашто заедничкиот живот изгледа секогаш загрозен кога ќе се појави некое жарче, и можен е единствено со акција на заштитните сили. А, дали е тоа долгорочно решение – во тоа се сомневам. Впрочем, во Босна и Херцеговина има етничко раздвојување и таму ситуацијата е мирна. "