1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Косово: опаѓа подршката за политиката на помирување со Србија?

Продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина беше еден од условите за Србија за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Но сега на Косово сѐ почесто може да се чујат поинакви гласови...

Невообичаен почеток на пристапните преговори на Србија со Европската Унија. Имено порано Унијата вообичаено ги отпочнуваше преговорите со некое важно поглавје но преговорите со Србија во Брисел започнаа со „помалку битна“ област (поглавјето 35). Меѓутоа зад тоа поглавје (кое некои го нарекуваат „разно') сепак се кријат значајни прашања - како што е Косово. Бидејќи Брисел е решителен во намерата од властите во Белград да бара не само спроведување на неопходните реформи, туку, паралелно и нормализација на односите со Косово.

Во врска со тоа наредната 21. рунда од дијалогот меѓу Приштина и Косово е закажана веќе за 27. јануари во Брисел. Истовремено во последно време сѐ почесто можат да се чујат мислењата на оние кои не веруваат во иднината на дијалогот. Во септември годинава на Косово би требало да бидат оржани и парламентарни избори. Иако Демократската партија на Косово (ДПК) на премиерот Хашим Тачи на локалните избори одржани минатата година, оствари најдобар резултат, интерните судири го нарушуваат влијанието на владејачката партија. Познавачите на состојбите во Приштина веруваат дека повод за нарушената доверба во партијата на Тачи се отстапките направени во дијалогот со Белград.

Кому дијалогот воопшто му одговара?

„Разговорите се одвиваат во погрешна насока и на штета на Косово“, гласи ставот на Алијансата за иднината на Косово, иако оваа партија предводена од поранешниот премиер Рамуш Харадинај, своевремено му пружи голема поддршка на дијалогот со Србија. Со други зборови владата на Косово повеќе нема поддршка од парламентарното мнозинство во Приштина за разговорите со Белград.

И покрај тоа Приштина нема намера да крене раце од процесот на нормализација на односите со соседите, па така ниту со Србија, вели во разговор за ДВ. Кадри Весели, потпретседател на владејачката ДПК. „Дијалогот и комуникацијата спаѓаат меѓу најважните европски стандарди. Ќе продолжиме со дијалогот со српските власти, бидејќи нашата партија има одговорност во застапувањето на националните интереси и не подлегнува на дневно-политичките притисоци“

И вицепремиерката и шефица на делегацијата на Приштина во преговорите со Белград Едита Тахири подвлекува дека дијалогот со Србија е од интерес за Косово. „Договорот од Брисел на Косово му овозможува спроведување на овдешните закони и на северот на земјата“.

„Историски договор“

На 17. април 2013. година , премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи во Брисел го потпишаа Договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Овој договор меѓу другото подразбира заедничка контрола на границата, учество на косовските Срби на локалните избори, како и воспоставување на заедница на општини кои се мнозински населени со Срби.

Посебно аспектот на договорот за заедницата на српски општини различно се толкува. Меѓу српските националисти на Косово има такви кои веруваат дека станува збор за преодна фаза кон правото за самоопределување а со самото тоа и кон можна поделба на Косово и евентуално припојување кон Србија на тие општини. Од друга страна, владата во Приштина верува дека учеството на Србите на локалните избори е чекор напред во интеграцијата на Северот во косовската држава.

Разликите во толкувањето на договорот од Брисел, доведоа до тоа градоначалникот на новоосновата општина во Северна Митровица, Крстимир Пантиќ да одбие да ја потпише одлуката за негово именување бидејќи на неа се наоѓа грбот на Косово. „Минатогодишните локални избори беа голема измама“, изјави Пантиќ. Исходот на изборите на северот на Косово ионака е контроверзен, ако се има предвид фактот дека мнозинството Срби го бојкотираше неговото оддржување. Изборите на 3. ноември дури беа насилно прекинати а гласачките кутии уништени. Таквото однесување на тамошните Срби, доведе до повторување на изборите во Северна Митровица две недели подоцна.

Најновото убиство ја компликува ситуацијата

Тензиите во Северно Косово дополнително добија во интензитет по убиството на 35-годишниот српски политичар Димитрије Јаничевиќ на 16. јануари, пред неговиот дом. Тој на локалните избори беше избран за пратеник во општинскиот совет на Северна Митровица како кандидат на независната Либерална партија (СЛС), единствена српска партија која е застапена и во Владата на Косово. Во регионот во кој живееше Србите често го нарекуваа „предавник“. Сепак извршителите на убиството засега се непознати.

„До неодамна не нарекуваа предавници а сега не убиваат“, вели за Дојче Веле, Слободан Петровиќ, шеф на Српската либерална партија и заменик- премиер на Косово. „Јаниќевиќ е жртва на криминалната политика на северот на Косово. Таму веќе 14 години владеат криминал и безвластие. Време е тоа да запре“

Убиството на младиот српски политичар го осудија двете влади- и во Приштина и во Белград. Европската унија исто така. „Насилството нема да биде толерирано“, изјави шефот на Мисијата на ЕУ на Косово, Самуел Жбогар. Приштина, Белград и Брисел бараат итно расветлување на убиството. Меѓутоа брз напредок на безбедносен план на северот на Косово тешко може да се очекува.