1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Косово не дозволува посета на Николиќ

Косовскиот вицепремиер Хајредин Кучи синоќа (04.01) изјави дека косовските институции не му дозволиле посета на српскиот претседател Томислав Николиќ на Косово за време на Божик.

Според вицепремиерот на Косово Хајрдеин Кучи (фото горе), српските официјални претставници ќе можат да го посетат Косово кога „ќе се обезбеди реципроцитет во посетите“. Тој истакна дека ваквата одлука е донесена по консултации со меѓународните партнери. Кучи нагласи дека посета ќе може да се оствари „единствено кога на лидерите на Косово ќе им се овозможи посета на Албанците во Прешевска долина“.

Српскиот претседател Томислав Николиќ за денешен „Курир“ изјави дека нема да оди за Божик во Грачаница. „Не сакам Приштина да ми одлучува дали може да одам на нашето Косово“, вели Николиќ. Според него, очигледно е дека „Еулекс чека властите во Приштина тоа да го дозволат“ и поради тоа тој ќе „мора да го промени својот став кон Еулекс, па и кон Брисел“.

Според српскиот претседател, Еулекс уште еднаш покажал дека не е статусно неутрален како што се претставува, туку дека работи онака како што ќе му каже Приштина.

Советникот на српскиот претседател Марко Ѓуриќ синоќа изјави дека одлуката на институциите во Приштина да го спречат присуството на Николиќ на литургијата во Грачаница е многу негативен сигнал пред закажаното продолжување на дијалогот меѓу Србија и Косово во Брисел.

„Тоа е сигнал дека не постои одлучност да се постигнуваат взаемно прифатливи решенија и испратена е порака на нетолеранција“, истакна Ѓуриќ.