1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Косово на пат кон визна либерализација

Посетата на еврокомесарката за внатрешни работи Цецилија Малмсртом го означи почетокот на преговорите за либерализација на визниот режим за косовските граѓани. Меѓутоа се’ уште го нема Прашалникот за властите на Косово.

default

Косовскиот биометриски пасош

По вчерашниот (19.01.2012) состанок со косовскиот премиер Хашим Тачи, еврокомесарката Цецилија Малмстром изјави дека Косово ги исполнило условите за почнување на дијалог за визна либерализација и оти многу бргу ќе биде изработен и соодветниот Прашалник односно т.н Мапа за патот до визна либерализација

„Мапата, исто каква што имавме и за другите земји, ќе означи што точно треба да сторат властите“, изјави Малмстром. Таа уште истакна дека не може да го прецизира датумот кога Прашалникот ќе биде готов, но очекува тоа да се случи на пролет и оти меѓу условите ќе бидат прашањата за безбедност на границите, интеграцијата на бегалците - повратници на Косово и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

EU-Innenkommissarin Cecilia Malmström

Цецилија Малмстрим, еврокомесарка за внатрешни работи

Премиерот Тачи пак оцени дека Косово започнало нов историски период на европеизација: „Владата на Косово го поздравува долго очекуваниот дијалог за либерализација на визниот режим. Тоа е доказ дека Косово е на добар пат во евроинтеграциите“. Тачи вети дека владата во рекордно време ќе ги исполни сите критериуми за добивање безвизен режим за земјите од ЕУ.

Жалење дека нема Прашалник

Експертот за европски интеграции, Шенол Мухареми сепак изразува жалење дека еврокомесарката Малмстром не го донела Прашалникот за либерализација на визниот режим. Мухареми додава дека Косово веќе исполнило определени услови:

„Косово од 2009-та година наваму започна еднострано да ги спроведува критериумите за влегување во белата шенгенска листа и некои од тие услови се веќе исполнети, како оној со биометриските пасоши, потоа изработката и примената на стратегијата за повратниците и други прашања“.

Меѓутоа Мухареми истакнува дека не смее да се заборави дека Косово го немаат признато пет земји-членки на ЕУ и оти постојат проблеми со границите зашто договорот за заедничко управување на границите со Србија, спонзориран од Брисел, се’ уште не започнал да се применува во пракса. Мухареми, кој е добар познавач на процесите на европски интеграции истакнува и дека освен борбата против корупцијата и организираниот криминал, многу битен критериум е и економскиот развој на земјата.

„Косовските претставници затоа треба да сфатат дека процесот на интеграции е многу покомплексен и оти треба да се фокусираат на социо-економскиот развој и инвестирање во развојот на приватниот сектор кој потоа ќе создаде стабилни работни места за косовските граѓани за тие да немаат потреба да заминуваат во земјите членки на Шенген зоната“, истакнува Мухареми.

Тој смета дека не може да се предвиди кога ќе биде завршен преговарачкиот процес за визна либерализација односно кога граѓаните на Косово без визи ќе патуваат во земјите од ЕУ. Поважно од тоа истакнува Мухареми е косовските институции што побрзо да ги исполнат своите обврски кон Брисел.

Автор: Зулфија Јакупи/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска