1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Косово: денеска досега помирно, но тензијата останува; Кфор се засилува

-Претпладнето во поголемиот дел на Косово помина мирно, но и натаму е голема тензијата во Косовска Митровица, Липљан, Чаглавица и Призрен. Во безредијата запалени 20 цркви и манастири. Пристигнуваат засилувања за Кфор, а повеќе земји, меѓу нив и Германија најавуваат испраќање дополнителни контингенти. Преовладува оцената дека настаните биле претходно подготвувани.


"Имам чувство дека работите се смируваат" - со претпазлив оптимизам портпаролот на полицијата на ОН на Косово Дерек Чапл навестува дека најлошото можеби веќе поминало, истакнувајќи оти нема информации за големи инциденти во меѓувреме. Но, денеска треба да биде погребано едно од децата што се удавија во Ибар и што беше повод за инцидентите, по гласините дека за трагедијата се виновни Срби кои ги гонеле. Тоа може да предизвика емоционално празнење, вели Чапл. Контрадикторни со неговите изјави се информациите во словенечките медиуми дека УНМИК ги советувал странците да го напуштат Косово, а и самата администрација на ОН за покраината тоа го направи со своите соработници кои ги повлече од јужниот дел на Косовска Митровица и некои префрли на територија на Србија. Преку преминот Мердаре и десетици Срби од Косово преминаа во Србија. Од српски табор во Митровица е оценето дека е мирно само во оние средини на Косово во кои нема Срби. Речено е и дека Албанците во претходните два дена успеале да ги протераат Србите од поголемиот број места во кои тие опстанаа по војната во '99-та. Меѓународните безбедносни сили се обвинети дека им помогнале во тоа на Албанците со евакуирањето, наместо да ги штитат Србите.

Во текот на ноќта продолжи уништувањето српски имот во повеќе места. Според информациите од албанската програма на Дојче Веле, во селото Свињар јужно од Митровица биле запалени 30 куќи. До темел се спалени сите преостанати српски куќи во Косово Поле. Оружени напади имало на повеќе места, гранати паднале и во кругот на болницата во српскиот дел на Митровица. Во Приштина практично веќе нема Срби, а синоќа беше запалена црквата Свети Никола. Запалена е и црква во Митровица, манастирот Девич кај Србица, цркви кај Косовска Каменица и Ораховица, во Вучитрн и Урошевац. Во Призрен веќе нема српска црква - сите се спалени. Силни француски единици денеска во делот на Митровица познат како "Три солитери" вршат потрага по оружје и лица кои синоќа пукале врз меѓународните сили. Од истрелите од зградите во кои живеат Албанци е ранет еден дански војник.

Косовскиот премиер Бајрам Реџепи денеска во Косовска Митровица побара да запрат сите протести. "Ја посетивме Митровица со цел да побараме од граѓаните да престанат со насилството и да се вратат кон нормалните активности. Од локалните и меѓународните институции бараме да ги изнајдат причините за овие безредија, насобрани во изминатите три години" - рече Реџепи.

Ноќеска допатуваа првите британски единици што ќе ги засилат меѓународните мировни сили во сузбивањето на насилствата на Косово. Германскиот министер за одбрана Петер Штрук, одговарајќи на молбата од НАТО, реши да испрати на Косово уште 600 припадници на оружените сили. Во составот на Кфор досега имаше 3250 германски војници, што е најголем поединечен контингент. Франција најави подготвеност да упати уште 400 свои војници. Вистинските потреби за засилување треба да бидат утврдени денеска на состанок на НАТО во Брисел. НАТО од Македонија, во координација со владините институции, ќе дава засилена логистичка поддршка на Кфор.

Министерот за одбрана на Србија и Црна Гора Борис Тадиќ се состана со командантот на јужното крило на НАТО адмирал Грегори Џонсон во близина на копнената зона за безбедност. Повеќе од едночасовниот разговор беше затворен за јавноста. Соговорниците само истакнаа дека заедничка цел е смирување на ситиуацијата и мерки за безбедност на сите граѓани, а посебно на неалбанските. Косовските Албанци имале однапред подготвен план "со оган и меч" да ја опустошат покраината, оцени италијанскиот генерал Алберто Примисери, командант на мултинационалната бигада Југозапад, во интеврвју за весникот "Кориере дела Сера". Таква оцена синоќа изнесе и адмирал Џонсон.

Македонскиот граѓанин Трифчо Панов, кој беше повреден во безредијата на Косово и му беше укажана помош во болницата во Обилиќ, денеска е пренесен во татковината.