1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Косово: Дали да се преговара со Белград?

Прашањето за продолжување на дијалогот меѓу Приштина и Белград се претвори во јаболко на раздорот, не само меѓу српските партии, туку и во Косово. Јавноста и политичарите имаат поделени мислења. Разлики има и во власта.

Мнозинството косовски Албанци сметаат дека не треба да се влегува во дополнителни политички преговори со Србија за суверенитетот на Косово. Тие велат дека тоа прашање е завршено пред четири години со прогласувањето на независноста. Истото мислење го дели и премиерот Хашим Тачи, кој тврди дека „нема да има преговори за прашања кои се однесуваат на сувереноста и територијалниот интегритет“. Меѓутоа, Тачи и неговата влада сметаат дека треба да се разговара за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, како меѓу две соседни земји. Истото мислење го има и неговиот заменик Хајредин Кучи. Прашањето кое најмногу ја загрижува косовската јавност е дали ќе биде отворено прашањето за северот од Косово?

„Северот од секогаш беше една од најголемите грижи. Сите ние треба да признаеме дека не го постигнавме она што го сакавме. Во тој дел не можевме да го реализираме планот на Ахтисари и не успеавме да воспоставиме потполна сувереност. Состојбата таму не е добра. Меѓународните фактори – Вашингтон и Брисел, треба да извршат притисок врз Белград за да не се меша во внатрешните работи на Косово за да им допуштил на граѓаните да се интегрираат во институциите на Косово. За решавање на тој проблем е потребно трпение“, вели Кучи.

Разлики дури и во редовите на власта

Кучи додава дека во дијалогот нема да стане збор само за северот, туку и за останатите прашања. Премиерот и неговиот заменик побараа на Косово да се создаде што е можно поширок фронт пред разговорите. Опозиционите партии, како што е Самоопределување, од почетокот беа против каков било дијалог, а останатите партии имаат многу поумерен став по тоа прашање. Меѓутоа, за продолжувањето на дијалогот со Србија постојат различни мислења и внатре во самата Демократска партија на Косово.

Kosovo-Albaner Limaj vor dem UN-Tribunal in den Haag

Фатмир Лимај е против какви било преговори

Потпретседателот Фатмир Лимај овие денови рече дека со Белград не треба да се води каков било дијалог додека Србија не ги згасне сите свои институции на Косово.

„Со Николиќ и Дачиќ може единствено да се разговара кога ќе ги укинат српските институции на Косово и кога ќе се извинат за злосторствата“, рече Лимај. Тој на минатите избори беше втор по бројот на освоени гласови, веднаш зад премиерот Тачи.

Потпретседателот на владата Хајредин Кучи тврди дека секој има право да мисли што сака, но оти дијалогот има приоритет.

„Демократско право е секој од нас да си го каже своето мислење. Секако дека постојат и дилеми околу тој дијалог. Но, проблемите не можат да се решат без дијалог“, тврди потпретседателот на косовската влада.