1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Косово во еден ден се врати 4 години назад

-Безредијата на Косово продолжуваат и денеска иако во помал обем отколку вчера Во Косовска Митровица голема група Албанци околу пладне го проби полицискиот кордон во јужниот и се обиде да навлезе во северниот, српски дел на градот. Полицајците и припадниците на Кфор употребија гас-солзавец и успеаја да ја запрат. Мостот на Ибар е блокиран со борбени оклопни возила на полицијата на ОН.
Според информации на приштински медиуми на албански јазик, претпладнето ученици од две средни школи од Приштина се судриле со сили на Кфор кај ридот Ветерник, на патот кон Чаглавица, што вчера беше арена на жестоки судири. Приштинскиот аеродром од безбедносни причини е привремено затворен за сообраќај. Во градот во тек се демонстрации со учество на повеќе десетици илјади луѓе кои скандираат "УЧК" и "Митровица". Илјадници луѓе демонстрираат и во Пеќ и тоа поради вчерашното убиство на еден припадник на поранешната УЧК од страна на полицаец на ОН. Кфор и УНМИК ги евакуираа Србите од Приштина и околината на безбедни локации. УНМИК, неможејќи да гарантира безбедност, евакуира стотина од вкупно 300 Срби во Обилиќ, а беа евакуирани и последните Срби од селото Слатина кај Вучитрн, каде се во пламен три српски куќи. Во Обилиќ повеќемина Срби биле потешко или полесно повредени, а некои задобиле и изгореници, кога изутрината, како што јавува агенцијата Бета, групи Албанци упаднале во нивните куќи и запалиле најмалку 15 објекти. Запалена е и православната црква во Обилиќ, потврди мисијата на ОН. Телефонските линии со тој град на 10-ина километри од Приштина не функционираат. По Обилиќ собраните Албанци се упатиле кон селото Племетина со мешан етнички состав. Во селото Драјковци во општината Штрпце во текот на ноќта се убиени двајца Срби, татко и син.
Портпаролот на мисијата на ОН Малколм Ешби изрази страхување дека билансот на загинати во безредијата може да биде поголем, откако на полицијата ќе и' биде дозволено да влезе во српските села кои беа масовно напаѓани од етничките Албанци.
Со оглед на безредијата, командантот на Кфор, германскиот генерал Холгер Камерхоф даде зелено светло за примена на соодветна сила потребна за заштита на населението и на војниците. Мора повторно за сите жители на Косово да биде воспоставена слободата на движење, рече генералот под чија команда стојат 17 илјади војници на Кфор.
Претседателот на српското Координативно тело за Косово Небојша Човиќ на разговорите со шефот на УНМИК Хари Холкери во Косовска Митровица побара да се обезбеди целосна безбедност за Србите и нивниот имот, како и за верските објекти на Српската православна црква. Човиќ изјави дека северниот дел на Митровица ќе се брани од евентуални нови напади на вооружени албански групи. Тој оцени дека УНМИК и Кфор не се способни да воспостават ред на Косово, што се покажа во изминатите 4 години, како и оти концептот за мултиетничност на покраината паднал во вода.
Полицијата на ОН и мировните сили на НАТО ја загубија контролата над нараснатата етничка омраза, оценија припадници на Институтот за известување за војна и мир кои дејствуваат на Косово. "Во еден ден се вративме 4 години назад. Сега го снема секое чувство на сигурност што во меѓувреме беше изградено", вели раководителот на тимот на таа организација Џета Ксара.
Портпаролот на УНМИК Дерек Чепел за австриската државна телевизија ОРФ оцени дека било очигледно оти вчерашните насилства на Косово биле однапред планирани и координирани. Премиерот на Косово Бајрам Реџепи во врска со ова за Дојче Веле рече:"Прерано е за шпекулации, се' е можно. Мора да се направат поподробни истражувања и анализи. Мислам дека инцидентите во Митровица и Чаглавица се само емоционални реакции и нема да се повторат".
Спротивен и категоричен е ставот на Оливер Ивановиќ, водач на Србите од Косовска Митровица: "Овие тензии се добро планирани и мислам дека мотивот едноставно е измислен. Објективно на Косово се спроведува операција 'Бура', како што беше онаа во Хрватска, односно типичен метод на чистење на територијата пред последните разговори".