1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Косово: Борбата против корупцијата - само фарса

Човекот кој требаше да се бори против корупцијата на Косово е уапсен токму поради сомневање за корупција.

ЕУЛЕКС во понеделникот (02.04) го уапси Назми Мустафа, шефот на владиниот механизам за борба против корупцијата, т.н. Таск форс, под сомневање дека е вмешан во корупција. Уапсени се и браќата Решат и Џељаљ Жерка од Ѓаковица кои се пријатели на Мустафа. Како што пренесе косовскиот печат, постојат сомневања дека браќата Жерка од различни лица кои се под истрага на обвинителството барале и земале поголеми износи пари во замена за гаранција дека нема да бидат обвинети.

Се’ за медиумски ефект

Апсењето на Мустафа и неговите соработници го засилува сомнежот кај јавноста дека самите политичари се вмешани во корупциски афери, оценува Кујтим Битиќи, претставник на Демократскиот институт на Косово и на Транспаренси Интернешнл Косово. Битиќи за ДВ истакнува дека е јасно оти механизмите за борба против корупцијата се основани само заради медиумски ефект:

„Наш став е дека институциите формирани од страна на косовската влада не можат да бидат институции кои ефикасно можат да се борат против корупцијата на Косово, зашто ние веќе според уставот имаме судови и обвинителства кои би требало да бидат многу посилни и на буџетски и на професионален план. Граѓаните на Косово не можат да полагаат надеж во борбата против корупцијата се’ додека на чело на Косово е оваа власт, која и самата е корумпирана“, вели Битиќи.

Avni Zogiani

Авни Зогиани

Директорот на невладината организација за борба против корупцијата „Чоху“ („Стани“), Авни Зогиани, истакнува дека апсењето на Назми Мустафа на виделина изнесе две работи: „Прво, обвиненијата постоеја уште од самото доаѓање на ЕУЛЕКС, а ништо не е сторено, а второ - овој човек имаше извонредни можности сите тие случаи на сомневање во корупција на високо ниво практично да ги уништи и почетните информации говорат дека тој го правел токму тоа“, вели Зогиани.

Косовските политичари најбогати во регионот

Зогиани вели дека врз основа на истрагата која е водена може да се каже дека десетици милиони евра им се поделени на компании кои се поврзани со политиката и оти косовските политичари се веројатно најбогати во регионот.

„Ретко кој од високите косовски функционери има богатство помало од неколку милиони евра. Мислам дека се’ е јасно, но посебен проблем е тоа што меѓународните претставници изградија систем на неказнување со цел постигнување политичка стабилност која е во служба на меѓународните мисии, бидејќи ним им треба послушноста на косовските политичари. Знаеме многу добро дека ЕУЛЕКС ги презема речиси сите важни случаи кои се завршени без какви било резултати“, вели Зогиани.

Тој, меѓутоа, порачува дека меѓународната заедница нема да може долго да управува со Косово со корумпирани косовски политичари. „Промена на пристапот на меѓународните претставници, промена на ставот кон главните политички лидери и истакнување дека и тие мора да се соочат со правдата е всушност клуч за промена на ситуацијата на Косово“, заклучува Зогиани.