1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Корупција и криминал-секој обвинува никој не пријавува

Милионски тендери, непријавен имот, поседување фирми. Власта и опозицијата во Македонија влегоа во жестока битка. Се изнесуваат сериозни обвинувања, но никој не поднесува претставки до надлежните.

На јавна сцена се вадат документи со милионски суми за тендери што се делеле на луѓе блиски на партии, новинари, роднини на пратеници, градоначалници, станови што се чувале во тајност, сопственички удели во повеќе фирми. Информациите кои секојдневно се пласираат на партиски прес конференции ја бомбардираат јавноста и барем засега се без видливи ефекти. Според информации на Дојче веле никој од актерите не доставил пријави ниту информации до надлежните институции. Во вакви услови целата ситуација во јавното обвинителство ја толкуваат на ниво на шпекулации. Јавниот обвинител Марко Зврлевски во изјава за Дојче веле потврдува дека обвинителството сѐ уште не повело постапка за ниту еден случај:

„Постојат повеќе органи во државата кои се надлежни за испитување на ваквите ситуации. Од наш аспект е очигледно дека она што сега се случува не е на ниво кое покажува дека треба да покренеме постапка. Но доколку од државната комисија за антикорупција или државниот ревизор добиеме конкретни информации тогаш тоа ќе го направиме. Ако од нивна страна тоа не се случи во одреден период, а притоа констатираме дека за одредени случаи е подигнат степенот тогаш како обвинителство самите ќе поведеме постапка. Во зависност од случајот, евентуалната одговорност може да биде различна. Од прекршочна, па до кривична. Но засега сметам дека степенот е на пониско ниво“, коментира Зврлевски.

ДСК проверува повеќе случаи

Од Државната комисија за антикорупција за Дојче веле откриваат дека неколку случаи веќе се проверуваат. За кои точно станува збор засега не откриваат, единствено дека се работи за предмети поврзани со лица кои се поврзуваат со власта, но и опозицијата:

„За некои од предметите имаме поведено постапка, за информации што се слушаат во јавноста имаме постапки, а можеби ќе отвориме и други. Нашата постапка подразбира да собереме документи да видиме за што се работи. Ние може да постапиме по сопствено наоѓање, по чуен глас, или по преставка од

Mazedonisches Parlament spricht Vertrauen aus

Обвинувањата неретко се искажуваат и од собраниската говорница

друг. Досега немаме добиено преставка, а ова што ви го кажувам е по чуен глас во јавните медиуми. Случаи на проблематизирани јавни набавки, непријавени имотни состојби“, изјави Мирјана Димовска член на антикорупциската комисија.

Актуелната дебата, јавните препукувања, изнесување на факти, па и шпекулации според поранешниот антикорупционер, адвокатот Драган Малиновски не е ништо чудно ниту невообичаено како дел од политичкото миље. Сепак во делот на постапувањето на останатите органи вклучувајќи ја државната комисија за спречување на корупција како независно тело па и јавниот обвинител, тој предупредува дека овие сознанија мора да се примат како информација која во најмала рака треба да биде проверена:

„Значи не смее да остане иинформациите така да висат во воздух, бидејќи тие постапуваат и по таканаречен принцип на допрен глас. Досега беа изнесени некои конкретни факти, податоци, документи. Сепак се работи за ниво на тврдења што е поткрепено со документи и мора да биде проверено и да се види дали има нерегуларности и незаконитости. Државната антикоруппциска е без дилема прва која мора да реагира бидејќи таа во поглед на имотната состојба ги има кај себе анкетните листови на функционерите и може да види дали е во ред или не. Коректно би било и тие што ги изнесуваат таквите податоци без разлика од која страна се власт или опозиција, доколку сметаат дека има инкриминирачки дејствија, доказите да ги достават до јавниот обвинител за да може тој да тргне од нешто при градењето на својот став“, смета Малиновски.

Анкетни листови и за новинарите

Во целата дебата не се поштедени ниту дел од новинарите чии имиња се поврзуваат со направени милионски зделки преку повеќе фирми, невладини организации. Димовска вели дека во антикорупциска засега за медиумите немаат ништо, но лично смета дека во иднина и сопствениците на медиумите и раководните луѓе во медиумите и здруженијата да даваат анкетни листови и изјави за интереси:

„Државната програма го детектира отсуството на информации за имотната состојба на луѓето на раководни функции и сопствениците на медиуми. Зошто?

Независно од правниот субјективитет на медиумот, приватен, акционерско друштво, нивниот производ е од јавен карактер. Значи вршат дејност од јавен карактер и тие мора да прифатат обврска да пријават своја имотна состојба заради можни врзувања, за да може државата да контролира евентуална корупција во таа област. Сметам дека главните уредници и сопствениците на медиуми треба да даваат анкетни листови. Да се види како некој главен уредник се стекнал одеднаш со толкав имот, да се види кој со што работи, а не да бидеме сведоци на скриена сопственост, врзани влијанија, прикриено лобирање, корупција и слично.“, смета Димовска.

Случаите со криминал и корупција во кои биле вмешани или обвинети како осомничени познати “фаци“ од политиката и бизнисот не се новина во Македонија. На обвинителна клупа седнувале поранешни премиери, градоначалници, министри. Како еден од најкрупните важи случајот со Љубе Бошковски, кој е во затвор поради незаконски финансирана кампања. Своевремено и пратеникот Амди Бајрам одлежа затворска казна поради криминал во еден од текстилните комбинати во земјата. Кога станува збор за овој проблем речиси и да нема извештај на меѓународна организација, а во него да не се предупредува за високото ниво на коруптивност во Македонија. Постојано и Европската Унија во своите извештаи за напредокот на земјата посочува дека на овој план е потребен засилен ангажман во општеството. Во сите анкети, доминантниот дел од испитаниците како извор на корупцијата ја посочуваат политиката, партиите, државните институции, владините органи.