1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Корупцијата е секаде слична

Корупција и измами – за Светската банка многу сериозни проблеми. Зашто секој долар за поткуп, е долар помалку за корисниците на проектите на оваа банка. Од тие причини, таа формираше сопствен оддел за борба против корупцијата. Деновиве е објавен извештајот за 2005-2006 година.

default

Меѓу 20 и 30 иследници секојдневно се ангажирани за да ги откријат трагите на црните овци во проектите не Светската банка. Притоа, најчесто ги следат различните обвинувања против сопствените соработници, но посебно ги испитуваат случаите на корупција и измами во проектите што се финансираат од оваа банка. Во последните две години се истражувани 441 случај. Од проектите, врз основа на сознанијата, се исклучени 58 фирми и 54 поединци. Во последната година на листата се најде и една германска фирма. Зашто корупцијата, како што вели Дејвид Хоукс, еден од шефовите ислединици, ја има насекаде:

„Постојат различни констелации во различни земји. Моделите што ги откривме во Африка, Азија и Латинска Америка се слични, но се слични и со оние што ги гледаме и во други земји. Во Африка на пример, за жал или за среќа, не видов нешто што досега не сум го видел претходно и во Берлин„.

Ислединиците на Светската банка обрнуваат внимание врз сомнеж за корупција или измама добиени од сопствените соработници или од припадници на цивилни друштва. Во такави случаи, иследниците истражуваат на самото место, носат со себе експерти или бараат од партнерите во договорите да ги прегледаат книгите. Ако наидат на нерегуларности, ја информираат Светската банка која потоа ја исклучува фирмата од тој проект или од други слични. Се информира и владата на засегнатата држава, па дури се поднесува и пријава. Властите некогаш соработуваат, некогаш не. Освен тоа, Светската банка се обидува да ги искористи стекнатите искуства за да спречи други слични. Се информира и населението на самото место, вели Хоукс, за проектот да биде транспарентен и тогаш луѓето знаат што се случува. Инаку, корупција постои во сите фази на проектите, објаснува Хоукс. Првиот чекор е на соработниците што го организираат проектот да им се подарат пари, автомобили или компјутери, за да се добие работата, но и дополнителни информации во полза на добро составена понуда што нема да може да ја надмине ниту еден конкурент:

„Потоа се поткупува натаму за да се обезбеди договорот, потоа се поткупува за да се обезбеди квалитетот. Се поткупуваат и инспекторите, а потоа натаму се поткупува за да се исплатат сметките„.

Хоукс воопшто не се обѕирнува на девизата дека без малку поткуп ништо не е можно:

„Ако еднаш ја отворите вратата за корупција, тогаш проектот ќе биде ограбен. Секој во тој синџир ќе го добие својот дел, па за проектот скоро и не остануваат пари„.

Овие истраги ја чинат Светската банка 10 милиони долари годишно. Таму се сигурни дека нивниот ангажман се исплаќа и дека и фирмите имаат интерес на корупцијата да и’ се нагази опашката. Зашто во случај на откривање тие не се исклучуваат само од проектите, туку Светската банка сознанијата ги објавува во Интернет и ги соопштува имињата на откриените грешници.