1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Корупцијата длабоко навлезена во медиумите

Одлуката на фудбалскиот клуб Црвена Звезда да поднесе кривична пријава против новинарот Дејан Анѓус го отвори прашањето за корупцијата во медиумите и меѓу новинарите во Србија.

Челниците на Црвена Звезда се одлучиле на тој чекор откако дознале дека Анѓус, заедно со своите пријатели, барал од новиот тренер на тимот Славиша Стојановиќ 12 илјади евра, тврдејќи дека тој го довел на позицијата. Нештата на тој начин се свртеа наглава - наместо новинарите да бидат во првите редови во борбата против корупцијата, тие се најдоа во ситуација да одговараат на обвинувања за корупција во сопствените редови. Но, случајот Анѓус укажа и на нешто што се знае со години: српските медиуми и новинари се дел од општеството во кое политичарите, тајкуните и криминалците ги финансираат медиумите и ја кројат уредувачката политика.

Медиумите и новинарите не се никаков исклучок и корупцијата е присутна и кај нив, вели Милан Антонијевиќ, директор на Комитетот на правници за човекови права.

„Меѓутоа, она што досега не се случувало се судски постапки кои тоа би го докажале, туку се остана на нагаѓања, што не е доволно да се говори со аргументи на таа тема. Она што е повидливо се политичките кампањи, и доколку се сетите на кампањите против Зоран Ѓинѓиќ ќе сфатите дека има новинари кои професионално се занимаваат со кампањи против одредени личности и за тоа добиваат големи надомести“, вели Антонијевиќ.

Медиумите - огласна табла на политиката

Дека медиумите се дел од коруптивниот синџир се согласува и претседателот на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), Вукашин Обрадовиќ.

Flash-Galerie Stadion Marakana

Цел на новинарот бил новиот тренер на Црвена Звезда. фото: стадионот Маракана во Белград

„За мене многу поважна од ова, а би сакал да е ова изолиран инцидент, е системската корупција на која се изложени медиумите и во која тие учествуваат. Таа е последица пред се' на медиумскиот систем кој е поставен на тој начин што медиумите наместо општествен коректив стануваат огласна табла на власта, без разлика која“, вели Обрадовиќ.

Генералниот секретар на Здружението на новинари на Србија (УНС) Нино Брајовиќ оценува дека бројни примери од медиумите во прв момент потсетуваат на корупција, но всушност се работи за автоцензура.

„Пари за такво нешто, според мене, можат да земаат само сопствениците на медиумите, или првите луѓе. Не можам да се согласам дека тоа го прават новинарите, бидејќи не само што немам докази за тоа, туку и немам такво уверување. За жал, постои пракса на купување на интересот кај некои новинари да пишуваат за одредени естрадни личности или спортисти, на некое ниско ниво, и тоа ни е нам познато“, заклучува Брајовиќ.