1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Корупцијата во Србија по волја на политичките партии

Посетата на известувачот на Европскиот парламент за Србија, Јелко Кацин, мина во знак на сериозни предупредувања за високиот степен на системската корупција. Српската власт за сега останува само на ветувања.

Фокус на посетата на Белград на Јелко Кацин беше пред се’ проблемот на високата корупција во Србија. Во текот на својата посета Кацин предупреди на спорната приватизација во Србија, во разговорите со службениците изнесе сериозни обвинувања дека српските власти рекетирале странски компании. Тој предупреди дека проблемот со високата корупција ќе го загрози напредокот на патот кон ЕУ и дека тој проблем ќе претставува голема пречка за странски инвестиции. Кацин исто така ги изнесе очекувањата дека властите нема да запрат со апсењето, на како што ја нарече “четвртата лига“ на осомничени за корупција , и дека ќе тргнат со затворање на свои луѓе.
Економскиот аналитичар Миша Бркиќ кажа за ДВ дека „обвинувањата за рекетирање на странски компании се многу сериозни, бидејќи мене не ми е познато за какво било рекетирања на таков начин како што наведува Јелко Кацин. Во секој случај би помогнало кога господин Кацин би навел конкретни примери за такви обвинувања“, истакнува Бркиќ. Бркиќ исто така наведува дека е добро тоа што Кацин обрнал внимание и на корупцијата, како не би се живеело во уведрување дека Косово е единствениот проблем кон патот за Европа.

Jelko Kacin

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, словенечкиот европратеник Јелко Кацин


„И добро е што господин Кацин дојде во овој момент, на почетокот на работата на новата влада, да ги потсети за тоа што тие овие денови го зборуваат за европската интеграција и за Косово како клучен услов, дека тоа за ЕУ е одамна завршена приказна. Прашање е само дали се за тоа свесни српската власт и српската јавност, но покрај тоа останаа уште многу важни прашања кои се однесуваат за модернизацијата на Србија и која власта мора да ја направи како би можела Србија да продолжи со европска интеграција.“
Компаниите заминуваат
Една од клучните работи во тој процес е борбата против корупцијата, напоменува Бркиќ:
„Факт е дека многу компании не сакаат да дојдат во Србија затоа што не можат да воспостават никаков контакт со власта, факт е дека власта бара одредено мито за издавање дозволи и добивање локации, и слични работи кои ги очекуваат инвеститорите во оваа земја. Тоа го знаат инвеститорите од странство, го знаат и нивните влади и логично е господин Кацин да дојде со таа приказна. Има примери и кога компаниите ги пакуваат куферите и си одат од Србија затоа што амбиентот за работење во Србија е се’ полош.“
Партиите не би менувале ништо
Миша Бркиќ смета дека не е сигурно оти новите власти ќе ги сфатат сериозно овие пораки и дека навистина ќе тргнат во пресметка со корупцијата:
„Системската корупција која постои во Србија е креирана од волјата на политичките партии кои се на власт. Клучните алатки за борба против системската корупција се двата закона околу кои не постои политичка согласност. Еден е законот за финансирање на политичките партии. Не сум сигурен дека која било партија ќе се согласи да се направи нов закон за политичките партии, по углед на европските стандарди, бидејќи тогаш тоа ќе ги открие финансиерите на партиите.“


Властите си одат, финансиерите остануваат
Зад сето тоа се крие системската корупција, поточно спрега на бизнисот и политиката, додава Бркиќ:
„Ние сме сведоци дека и денес на политичката сцена, со новата власт, се случува борба за преземање финансиери. Една власт си оди, друга доаѓа и бара од финансиерите на предходната партија на власт денес да ја финансираат новата.“
Борба само во најави
Следниот чекор во борба против корупцијата е независното судство, како и законот за јавни набавки, вели Бркиќ. За ова новата власт нешто најави, но ќе видиме колку ќе има сила да го направи тој закон по европски правила.
Новата влада секако ќе треба да направи нешто во борба против системската корупција, оценува за ДВ,Немања Ненадиќ од организацијата „Transparency International“ , бидејќи тоа беше дел и од предизборните ветувања. Тука има некои охрабрувачки чекори, како што се јавните набавки, но и некои негативни потези, кажува Ненадиќ:
„Би потсетил на работите кои се во врска со т.н. департизација. Значи, имаме ситуација каде се’ уште не се зборува за донесување на нов закон за јавните претпријатија, кој би се уредил така што директорите на тие претпријатија ќе се избираат на вистински, а не на фингирани конкурси.“