1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Корупцијата во кулминација, санкциите во хибернација

Владата секојдневно промовира вонредни погодности за граѓаните и стопанството и покрај јасната забрана за такви активности во изборниот период. Надлежните велат дека се е во рамките на законот. Антикорупциската молчи

default

Изборната корупција цвета, а надлежните институции не ги санкционираат постапките кои ја кршат регуларноста на изборниот процес, укажуваат експерти кои се знанимаваат со антикорупциска политика. Според законот, употребата на средства кои не се пријавени како средства за изборна кампања е кривично дело за кое е одредена казна затвор најмалку пет години, потсетува поранешниот министер за правда, Ѓорѓи Спасов.

„Оваа одредба подразбира средства кои се користат за поткуп на избирачите со цел да се влијае врз нивното изборно расположение. Под непријавени средства за поткуп се сметаат буџетски пари за нови вработувања по почетокот на изборната кампања, зголемување пензии за време на кампања, намалување на цени на лекови и други услуги, како и користење бесплатно време и простор за рекламна кампања на јавниот радиодифузен сервис или привилегирани - неплатени рекламни услуги во приватните телевизии. Со тие нелегални средства, политичката конкуренција се доведува во нерамноправна положба, а нивното користење во изборна кампања се смета за злоупотреба на службените овластувања заради остварување на групни партиски или лични цели на кандидатите. Но, во Македонија тие се прикажуваат како нормални, претходно планирани активности на Владата за реализација на ветеното. Тоа не ја оправдува владата ни партиите од нејзината коалиција, туку зборува дека таа во својата програма имала предвидено планови и средства за изборна корупција, за кои треба да биде повикана на одговорност за да се спречи таквата практика во иднина", вели Спасов.

Класична корупција

Според експертите, за изборна корупција може да се смета и покачувањето на 280 илјади пензии за пет проценти кое стапи во сила на 1. март годинава. Но надлежните сметаат дека нема прекршување на правилата.

„Покачувањето на пензиите за 5 проценти е утврдено со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиски и инвалидско осигурување, објавен во Службен весник од 26.12.2012, а истото е предвидено и во Програмата за работење на Владата на Република Македонија од 2011 година и оттаму не може да станува збор за изборна корупција, туку за законско утврдено решение“, велат во Министерството за труд и социјала.

За разлика од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) која молчи и се крие од јавноста, жестоко реагираат невладини организации кои се занимаваат со антикорупциска и со политика на транспарентност. Сашо Орданоски, член на УО на „Транспарентност Македонија", укажува дека по распишувањето на локалните избори, Владата секојдневно промовира вонредни погодности за граѓаните и стопанството и покрај јасната забрана за такви активности предвидена во Законот за спречување корупција.

„Сведоци сме на програми за самовработување, зголемување на учеството на државата во отплатата на кредитите од проектот 'Купи куќа, купи стан', отпишување долгови на фирмите по основа на заостанати придонеси, зголемување на пензиите, намалување на цени за парно греење, поефтинување на лекови, 'фрлање лопати' за јавни објекти и уште многу прекршувања. Според 'Транспарентност Македонија', ова е класичен акт на корупција во политиката. И покрај очигледноста на ваквата злоупотреба на државни и на средства на јавните претпријатија и фондови, не реагира ниту една институција задолжена да го следи однесувањето на власта во пресрет на локалните избори. Со тоа, и со милионите потрошени евра од страна на власта за сопствена предизборна пропаганда за кои нема законско покритие, нарушен е принципот за фер и демократски избори уште за време на кампањата", вели Орданоски.

Wahlen in Mazedonien

За само три месеци, од 11 декември до 24 феврури, во државната и јавна администрација се вработени 4.225 лица. Од нив, 246 вработувања се реализирани по денот на распишувањето на локалните избори. Од Министерството за труд за ДВ велат дека сите вработувања се законски и се спроведени во консултација со Антикорупциската комисија.

„Во однос на вработувањата реализирани во Министерство за труд и социјална политика, МТСП за секое вработување има добиено позитивно мислење од страна на ДКСК. Имено, сите постапки за вработување во МТСП (од кои во најголем број 33 се однесуваа на децата без родители и родителска грижа) се започнати пред донесување на Одлуката за распишување на избори, па оттаму ДКСК оцени дека нема законски пречки постапките да продолжат и да се реализираат вработувањата“, одговорија од Министерството за труд.

Пратеничката на СДСМ, Весна Бендевска, деновиве реагираше на огласи за вработување во две битолски градинки, објавени на денот на распишување на изборите.

„Претставка ќе испратиме до ДКСК, иако антикорупционерите одамна го изгубиле легитимитетот и капацитетот за ефикасна борба против корупција. Тие треба да одговорат и зошто од веб -страницата го избришале или го сокриле соопштението од 15 јануари, во кое го прецизираа барањето за забрана за нови вработување", праша Бендевска.

Одговор стигна, но не од претседателката на ДКСК, Љубинка Корабоска, туку од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за трет градоначалнички мандат во Битола, Владимир Талески.

„СДСМ може да поднесува кривични пријави и да прави колку што сака прес-конференции. Јас ви тврдам дека тоа е најзаконски, тие вработувања беа во тек и беа дозволени од Антикорупциска комисија", изјави Талески.

Медиумско-партиски брак

Според експерти, изборната корупција е доминантна и во рекламниот простор што медиумите им го „донираат", односно подаруваат на партиите. Македонското законодавство ја нагласува потребата за рамноправен пристап во изборното медиумско претставување, но тоа ефективно е оневозможено со одредбите од членовите 83 и 85 од Изборниот законик, кои дозволуваат донации од радиодифузерите и од печатените медиуми, но без да се утврди границата на дозволените попусти и без транспарентност во давањето попусти.

Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиуми, вели дека овозможувањето донации во форма на рекламен простор од страна на медиумите, создава коруптивни врски меѓу медиумите и партиите и нужно влијае врз начинот на покривање на изборите од страна на тие медиуми.

„Гласачите не знаат кој ги донирал спотовите и другите платени политички содржини што ги гледаат. Поради тоа, наместо како нарачател на спотот да стои партија, треба да стои оној што го донирал, односно што го платил спотот. На таков начин ќе се избегнат ситуации во кои телавизија или други јавни претпријатија ги покриваат изборните кампањи. Ваквиот концепт на политичко рекламирање е закана за демократскиот процес затоа што ги корумпира медиумите, ја суспендира јавната дебата и ја заменува со пропаганда и ги фаворизира политичките субјекти со повеќе пари, па наместо демократијата да се практикува како натпревар на идеи, таа станува натпревар на пари", вели Беличанец. Со оглед дека во Македонија досега ниедна партија не сакала да го отвори ова прашање, Беличанец препорачува дека е потребно да се забрани донирањето на време и простор од медиумите во изборната кампања, за да се спречи еден крајно корумпиран процес кој ги компромитира критериумите за демократски избори.