1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Корупцискиот скандал стигна до семејството на Ердоган

Опозицијата во Турција, поради корупциската афера го засилува притисокот врз владата. Таа преку пратеничко прашање бара официјален одговор од премиерот Ердоган за врските меѓу неговиот син и спорен саудиски бизнисмен.

Се сретнал ли Билал Ердоган со Јасин Ал Кади? Тоа Угур Бајрактутан сака да го дознае од турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Бајрактутан и припаѓа на секуларната партија ЦХП и заедно со други опозициски политичари бара објавување на врските на семејството Ердоган со саудискиот бизнисмен. На сосодветното пратеничко прашање премиерот Ердоган мора да одговори во рок од еден месец.

„Ал Кади бил илегално тука, има фотографии кои го докажуваат тоа“, вели Бајрактутан за ДВ. Уште додека се наоѓаше на листата на ОН на личности против кои се воведени санкции кои поради сомневање за помош на Ал Каеда, Ал Кади наводно повеќепати ја посетил Турција. И притоа тој бил заштитуван од телохранители на турската влада. И властите на САД го означија Ал Кади за поддржувач на терористичката мрежа, обвинувања кои тој остро ги отфрла.

Ердоган има нов проблем

Обвинувањата изнесени од Бајрактутан создаваат нов проблем за Ердоган во односот кон корупцискиот скандал околу неговата влада. Во средината на декември јавните обвинители во Истанбул издадоа налози за апсење за десетици лица кои беа осомничени дека земале поткуп од ирански бизнисмен, кој истотака беше уапсен. Двајца синови на министри и шефот на државната Халк банка се наоѓаат во истражен затвор.

Како втор чекор јавните обвинители една недела подоцна имаа намера да издадат налози за апсење на натамошни лица истотака осомничени за корупција. Од тоа не бидна ништо, зашто одговорниот јавен обвинител Муамер Акаш, кусо пред акцијата за апсење беше повлечен од случајот. Според медиумските извештаи на листата на осомничени се наоѓал и Ал Кади а на информативен разговор како осомничен требало да биде повикан и Билал Ердоган.

Спорна зделка

Ал Кади не е непозната личност во Анкара. Уште во 2006. година Ердоган јавно го зеде во заштита овој саудиски бизнисмен од обвинувањата за тероризам од страна на САД. Ал Кади се најде во визирот на истанбулските истражители, зашто се интересирал за приватизација на земјиштето на полициското училиште во елитниот кварт во Истанбул, Етилер. Земјиштето според медиумските извештаи е вредно околу една милијарда евра, но требало за помалку од половина од вредноста и без јавен тендер да им биде продадено на приватни инвеститори. Меѓу заинтересираните бил Ал Кади.

Турските медиуми објавија фотографии на кои наводно е прикажан Ал Каде во придружба на турски телохранители и во разговор со Билал Ердоган во еден хотел во Истанбул. Опозицискиот политичар Умут Оран во сопственото пратеничко прашање побара од премиерот Ердоган да одговори дали настапил како посредник во зделката во Етилер.

Градската управа на Истанбул соопшти дека земјиштето не е продадено и оти и натаму се наоѓа во државна сопственост.

„Паралелни структури“

„Тие целат во син ми но сакаат да ме погодат мене“, изјави Ердоган за обвинувањата. Тој смета дека обвинувањата за корупција се измислица на сили во државниот апарат кои се непријателски настроени кон владата и кои сакаат да ја заслабнат неговата партија АКП пред локалните избори на 30 март. Има „паралелни структури“ во бирократијата , изјави Ердоган. Владата за заговорот го обвинува движењето на исламскиот свештеник Фетула Ѓулен, кое порано беше сојузник на Ердоган. Ѓулен ги отфрла обвинувањата.

Не е јасно како обвинувањата против владата и семејството на Ердоган ќе се одразат врз поддршката на гласачкото тело за премиерот. Актуелни анкети за влијанието на корупциската афера сѐ уште нема.

Илкер Тулан, политиколог на истанбулскиот универзитет Билги очекува дека односот на Ердоган кон обвинувањата за негова поврзаност со Ал Кади ќе играат значајна улога во реакцијата на гласачите на случувањата. Досега премиерот уште нема дадено убедливо објаснување за односот меѓу неговиот син и саудискиот бизнисмен, изјави Туран за ДВ. Опозицијата во Анкара има намера да се погрижи за тоа, Ердоган наскоро да мора да го испорача тоа објаснување.