1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коридор за бегалците, најдоброто решение за Македонија

Милчо Јованоски6 февруари 2016

„Ако Македонија прифати бегалски кампови, би било лошо за државата. Подоцна тешко би одела репатријацијата,а дел од бегалците сигурно би останале“, смета Владо Димоски од Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци.

https://p.dw.com/p/1Hqi2
Фотографија: DW/N. Rujević

Кризата во Сирија и бранот бегалци кои од Грција влегуваат во Македонија и одат кон Запад не престанува. Во јавноста се’ поголеми се стравувањата дека од Македонија може да се побара да стане тампон зона за бегалците и на нејзината територија да се отворат бегалски кампови. Владо Димоски од Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци од Скопје зад себе има 18 годишно искуство во оваа област и вели: „Македонија по четврти пат се соочува со ваков проблем. Ги паметиме босанската и косовската криза, 2001 година кога имавме внатрешно раселени лица во Македонија и сега овој голем бран од бегалци од Сирија и нејзиното опкружување. Се работи за голема бројка бегалци кои поминуваат низ територијата на Република Македонија, нивна цел не е останување тука. Од почетокот на минатата година до јуни околу 200 000 бегалци поминаа низ државата. Во овој момент таа бројка се движи околу 800 000 бегалци кои заминале на Запад, и уште толку,а можеби и повеќе чекаат на границите кон Македонија за да продолжат кон Европа.“

Mazedonien Vlado Dimovski
Фотографија: DW/M. Jovanovski

Македонија има капацитети да се справи со кризата

Состојбата е тешка и за Македонија и за бегалците, според Димовски во мигов не е пожелно земјата да постане тампон зона, каде што бегалците би останале подолго време. Процедурата која е се’ уште на сила, задржување 72 часа треба да продолжи и некаде пред границите на западноевропските земји да се организираат одредени прифатни центри и кампови од каде што тие според одлуката на Европската Комисија ќе можат да се распоредуваат. „Бев долгогодишен управник на камповите за бегалци за време на косовската криза. Ја имам можеби најточната статистика, бидејќи работев во прифатниот центар на Блаце од каде што доаѓаше најголемиот бран од бегалците од Косово. Од тамошниот прифатен камп ги распоредувавме луѓето по останатите кампови низ земјата почнувајќи од Стенковец кај Скопје , па до Непроштено и Чегране во Полог. Во таа криза беа згрижени околу 460 000 бегалци, околу 200 000 не беа ни евидентирани и влегоа нелегално во Македонија поради порозноста на границата,“ се присетува Димовски. Според него ова што во моментов се случува во Македонија укажува на тоа дека Владата не консултирала никого за искуствата од изминатите бегалски циклуси. Се определила за луѓе кои не знаат ни што е бегалска криза, а управуват со неа. Сепак смета дека засега добро се снаоѓаат и дека во прилог им одеше и политиката на Запад да нема останување на бегалците во Македонија.

Griechenland Mazedonien Grenze Flüchtlinge
Фотографија: DW/P. Zafiropoulos

„Македонија има човечки потенцијал и голем број хуманитарни работници кои работат во граѓанскиот сектор, во Црвен крст на РМ, во Високиот комесеријат за бегалци од Македонија кои доколку биде потребно треба само да се побараат. Ние како Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци на Владата и понудивме организациски концепт за тоа како треба да се организира прифаќањето, регистрацијата и слично.Се понудивме во уште еден сегмент како што е управување или менаџирање со самите прифатни центри во кои се задржуваат бегалците. Навистина кусо се тука, но сепак со тие луѓе треба да се работи. Не е доволно да имаме само хуманитарна помош и во тие 72 часа може со тие луѓе да се сработи психо-социјална работилница. Меѓу нив има и деца од пред школска и школска возраст, тинејџери“, објаснува Димовски.

Претходните не можат да се споредуваат со оваа бегалска криза

„Со косовската криза, гледано од сегашен агол се справивме лесно, бидејќи знаевме однапред дека најголем дел од нив за одреден период ќе се вратат дома. Но и во моментов околу 800 бегалци од Косово се’ уште се водат како хуманитарно – згрижени лица во Македонија. Сегашнава криза со себе носи луѓе од подалечни територии и со подруг менталитет. Се знае дека овие бегалци нема да се вратат во матичните земји. Ако Македонија постане тампон зона тоа е лошо. Одреден период бегалците ќе чекаат да заминат на Запад, но што ако се смени политиката на западноевропските земји и тие ги затворат целосно границите за нив. Ние од овде тешко ќе можеме да ги вратиме назад. Тоа се големи средства за репатријација на бегалците, ќе бидат потребни големи напори. Тоа би бил голем бран на бегалци и претпоставките се дека голем дел од нив би останале во Македонија“, вели Димовски.

Mazedonien Vlado Dimovski
Фотографија: DW/M. Jovanovski

Тој потсетува и на концептот на покојниот претседател Киро Глигоров, кој за време на бегалската криза од Косово предлагаше коридор низ Македонија за бегалците да заминат во Албанија.

„Токму овој концепт Македонија треба да го примени и задржи во оваа бегалска криза и да направи коридор до крајната дестинација, како што сега други држави го прават тоа,“ заклучува Димовски.