1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Коридорот 8 не е исплатлив“

Македонија се откажува од планот за целосна реализација на патниот дел од Коридорот 8 преку модел на концесионирање - откако на последниот тендер не се јави ниту една заинтересирана компанија.

default

Владата во Скопје сега подготвува нова стратегија. Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, тендерот поминал безуспешно бидејќи сообраќајот долж Коридорот 8 не бил доволен односно исплатлив за потенцијалните инвеститори. Пешевски за Дојче Веле открива дел од новиот план кој е во фаза на изработка и треба да се објави за трисетина денови.

Комбиниран модел

Според Пешевски, под концесија најверојатно ќе се понуди патот од Кичево до Гостивар и делницата од Скопје до Блаце, кои би се граделе на ниво на автопат. За останатите делови од коридорот предвидено е да ги гради државата.

Regierungsgebäude der Republik Mazedonien

Владата има нови планови за Коридорот 8

Делницата од Охрид до Кичево најверојатно ќе се гради на ниво на автопат со буџетски средства, а во источниот дел на земјата кон границата со Бугарија предвидена е реконструкција и проширување со трета лента, открива Пешевски. Поголеми интервенции ќе има од Ранковце до Крива Паланка каде во дел е можна и промена на трасата, но овој пат нема да се изведува на ниво на автопат, бидејќи за тоа немало економска оправданост, со оглед на протокот на возила.

Експертска анализа

Реализацијата на делот од Коридорот кој ќе го гради државата според Пешевски грубо би чинел околу 500 милиони евра. Во тек се детални анализи од експерти во Агенцијата за патишта, по што ќе биде познато како ќе се прави буџетската проекција за реализација на проектот. Изградбата на патниот дел од Коридорот 8 е едно од главните барања и на бизнис заедницата во Македонија, затоа што ќе ги зголеми алтернативните патишта за стопанството покрај Коридорот 10. Проектот за модернизација и изградба на патиштата долж Коридорот 8 се најавуваше како инвестиција од милијарда и двесте милиони евра. Рокот за изградба и модернизација беше осум години, а правото на стопанисување триесет и пет. Владата тогаш понуди 200 милиони евра субвенции за концесионерот.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Горан Чутаноски