1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Коридорот осум на слеп колосек

По пет години застој, Македонија продолжи со активностите за доградба на железничкиот Коридор 8. Потребни се близу една милјарда евра за трасите кон Бугарија и Албанија во должина од 124 километри.

default

Eкспертите го препознале eкономскиот интерес за железничко поврзување на пристаништата Бургас и Драч преку Македонија уште пред век и половина. Тогашните околности наложувале пругите да завршуваат до националните граници, а во Македонија до Куманово и Кичево .Проектот пруга кон Бугарија почна во 1994 година. Завршена е само една третина на трасата кон Бељаковце и се потрошени околу 120 милиони долари. Изграденото пропаѓа. Одново се мисли на коридорот. Годинава работите се придвижија, се работи физибилити студија вели Владимир Пановски, помошник на генералниот директор за пруги во Македонски железници:

„Таа ќе биде виза за барање на финансиски средства. Стартот на работите на пругата кон Бугарија би можел да биде во 2013 и би можело да биде завршена пет години потоа. Вредноста е проценета на околу 550 милиони евра. “

Der Hauptbahnhof in Skopje

Македонија уште десет години ќе чека на Коридорот 8

И додека светот руши рекорди во брзината на возовите, по пругата на која Македонија ќе чека уште околу десет години, возовите ќе се движат само со сто километри на час. Пановски уверува дека тоа е доволно:

„Тоа е планинска пруга . Брзина од сто километри на час е предвидена со договорот потпишан меѓу Албанија, Македонија и Бугарија. За овој терен и за потребите на товарниот сообраќај е сосема доволна брзина. Дистанцата помеѓу Скопје и Софија не е толку голема и сто километри на час не е мала брзина и за патничките возови.“

Пругата од Кичево до Радожда е економски и еколошки оправдана

На другиот крај на коридорот во Македонија може само да се претпостави каде ќе минува пругата. До шеесеттите години од минатиот век, се` уште биле видливи трагите од старата пруга, која поради нерентабилност била напуштена. Деновиве во Струга беше презентирана Студијата за оценка на влијанието врз животната средина, која е пред усвојување во Министерството за екологија ја работеше фирмата „Декомс Ема “. Менка Спироска е децидна:

„Ова е безбедна траса. Во разговори со проектантите, одредени тесни грла беа надминати и доколку оваа линија се реализира со сите параметри како во студијата и проектите, ќе има најмали можни влијанија врз сите медиуми на животната средина.“

Како да се привлечат инвеститорите?

Bosnien Balkan Versöhnungszug Zug Sarajewo-Belgrad am Bahnhof in Doboj

Од транзит ќе ќарат соседните држави

Студијата за економската оправданост ќе биде готова за неколку недели, но има уште многу до стартот на градбата на оваа делница, вели Владо Паноски од Македонски железници:

„Идната година треба да аплицираме преку ИПА фондовите за средства за изработка на проектот потребни се околу 3 милиони евра. Следи решавање на експропријацијата на земјиштето. Ако потрошиме една година да бараме средства, уште две години да се направи главниот проект и една година да се изврши експропријација, стартот е можен во 2015 година, а завршувањето на оваа делница во 2019 година.“

На татнежот на локомотивите по железничкиот коридор 8 реално ќе се чека уште деценија. Дотогаш Македонија ќе губи милиони евра во зголемените трошоци за транспорт и од транзит ќе ќарат нејзините соседи.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM