1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Копјата ќе се кршат за легитимноста на изборите

Во македонската јавност има спротивставени мислења за легитимитетот на претстојните избори без учество на опозицијата.

Какви би биле локалните избори со бојкот на опозицијата - легални, легитимни и компетитивни, или само избори со службен резултат?

„Без разлика колку добро ќе бидат спроведени локалните избори, ако се случи бојкот од опозицијата, изборот на гласачите ќе биде ограничен и компетитивноста на изборите ќе биде под знак прашалник", предупреди амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Ралф Брет.

Во изборниот закон е предвиден цензус само за првиот круг, според кој потребно е да бидат излезени минимум 33 отсто од запишаните гласачи во избирачкиот список, а за кандидатот за градоначалник да биде избран уште во првиот круг е потребно да освои  51 отсто од излезените (33%) избирачи. За вториот круг не е предвиден никаков праг, што значи дека се потребни многу малку предуслови за изборите да бидат легални.

Но, легалитетот не значи и легитимитет, предупредуваат од СДСМ.

„Во изборите не учествува здружената опозиција која на последните парламентарни избори заедно освои повеќе од 440.000 гласови, што е повеќе од гласовите на коалицијата на ВМРО- ДПМНЕ. Ниедни избори на кои учествува само актуелната власт и од неа продуцираните лажни опозициски партии и кандидати, не се и не можат да претставуват избор за граѓаните", вели Емилијан Станковиќ, портарол на СДСМ.

Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ смета дека повикување на бојкот не е демократска алатка.

„Во Европа ниту некој познава форма на бојкот на институции, ниту бојкот на избори. За правото на глас се бореле милиони луѓе во минатото. Затоа денес ниту Европа ниту домашната јавност не го оправдува бојкотот на институциите и бојкотот на изборите под какви било причини и оправдување", укажува Димовски. 

Различна диоптрија

За поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, легитимноста на изборите не е спорна. „Локалните избори беа очекувани и партиите имаа доволно време да се подготват. Владата неколку пати излезе со решенија кои овозможуваа вклучување на СДСМ во роковите и покрај тоа што власта не смееше да си дозволи такви егзибиции, затоа што државата не може да биде заложник на една личност или партија. Изборната трка на локално ниво нема никаква директна или индиректна врска со ситуацијата во Собранието. На опозицијата и' беше понудена и 'преку леб погача', но тие сето тоа го одбија. Веќе не постојат причини да се сомневаме во легитимитетот на претстојните избори. На крајот СДСМ мора да се соочи со фактот дека до 2017 година ќе ја нема како политички чинител на локално ниво", укажува Боцевски.

NO FLASH Wahlen in Mazedonien

Спротивно од него, Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет, не очекува дека власта ќе обезбеди услови за фер-избори.

„Без постоење систем за контрола врз извршната власт, немаме изгледи за владеење на правото и за функционирање на парламентарна демократија, што само ќе ја продлабочува кризата. Ме шокира тоа што власта не гледа ништо лошо во фактот дека пратеници беа исфрлени од парламентот од страна на полицијата. Посебно ме загрижува што меѓународната заедница не реагира поенергично на отвореното кршење на принципите на парламентарна демократија во земја која сака да биде членка на ЕУ и НАТО. По демонстрацијата на сила врз пратениците, медиумите, универзитетот.., не е реално да очекуваме дека оваа власт ќе може да гарантира елементарни услови за фер избори. Тоа би можело да биде остварливо само ако изборите ги организира некаква техничка влада, а тоа нема да го видиме", вели Калајџиев.

ДИК со два члена помалку?

Легитимитетот на избирачкиот процес може да биде загрозен и од најавата на СДСМ дека ќе ги повлече своите два члена од Државната изборна комисија, на денот на изборите, кога планира и да ги врати пратеничките мандати. 

Кого претставува во ДИК нејзиниот претседател, социјадемократот Борис Кондарко - опозицијата која не учествува на локалните избори или опозиција која не е во парламентот? Истото важи и за членовите на избирачки одбори кои ги предлага опозицијата, велат од СДСМ. Според Изборниот законик, и оваа ситуација е решлива. Според членот 23, изборните органи може да работат и да одлучуваат ако на седниците присуствуваат мнозинство од членовите, а одлуките ги донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови. Тоа значи дека седумчлената Комисија би можела да функционира со пет члена, а во тој случај, потпретседателот Субхи Јакупи од ДУИ би ги свикувал и водел седниците. Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР својата оценка за регуларноста на изборите ќе ја соопшти на 25 март.