1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кон каде плива Охридскиот пливачки маратон?

Денеска (14.08) во Свети Наум до Охрид се плива 24 –от Охридски пливачки маратон, кој е дел од светската серија на ФИНА. Маратонот традиционално го тресат проблеми. Оставен е без пари, помош и пропаганда. Зошто е така?

default

Целта на маратонот е на пристаништето во Охрид

Златните 60 години од минатиот век сега се само сон. Шеици со бројни придружби и странците претежно од Европа преку маратонот ги откриваа убавините на Охрид. Годинава , како и лани и годините пред тоа ретки се луѓето кои знаат дека се плива Охридскиот маратон.За него нема плакат, ниту некој друг вид најава по градот. Само медиумите со месеци ги пренесуваат излитените преписки и препирки меѓу Пливачката федерација на Македонија и Пливачкиот клуб „Охридски бранови “ кој е технички организатор на маратонот. Стара песна со стар рефрен:„Нема пари и чија е вината и грижата за тоа? “Од критика не се штеди државната , ниту локалната власт.Со години на работ ќе има или не маратон?! Кочо Паскали од охридскиот пливачки клуб вели:

„Секоја година доаѓаме во позиција дали да се откажеме од маратонот?

Пари нема, а маратон ќе има

“На ден пред стартот на 30 километарскиот пливачки маратон Свети Наум – Охрид ни половината средства не беа легнати на сметката на маратонот. И ред други организациски прашања чекаат одговор. Но Паскали е дециден:

„ Еден пријател ми викаше да не ти влезе вода во ушите. Нас тоа ни е случено. Не држи езерото, не држи градот, не држи љубовта кон спортот. Сите сме семејни луѓе и сакаме нашите деца преку спортот правилно да ги насочиме да се развиваат.“

Потребна е спортска стратегија во Македонија

Мнозина го поставуваат прашањето кому му е во интерес да се девалвира и игнорира оваа атрактивна меѓународна манифестација која своевремено низ светот ја пренесе приказната и славата за малиот Охрид. Новинарот Бошко Трпески за Дојче веле изјави:

Ohrid 1

Маратонот е реклама за убавините на езерото и Охрид

„Мора да се изгради спортска стратегија во Македонија и да се знае кои се приоритетните спортови. Охридскиот пливачки маратон треба да биде празник на државата. Како што имаме верски, државни празници можеме да се избориме за еден спортски празник. Мораме да размислуваме денес за идната година, а не денес за утре. Така е секогаш во Македонија. Злото е присутно и кај спортистите, кај спортските новинари, а посебно кај политичарите кои сакаат да политизираат и партизираат и спортски манифестации.“

Во време кога регионалната соработка е предизвик и идејата стартот на маратонот да биде од Поградец – Албанија се појавија многу „за“ и „против“ .

Ќе се гради „Спомен парк на спортистите “ во Свети Наум

Се позивесно е дека во Свети Наум ќе никне „Спомен парк “ посветен на спортските асови ни открива новинарот Трпески посочувајќи и средства преку Асоцијацијата на спортските новинари и спортистите од Југоисточна Европа:

„Околу осум милиони евра лежат во Солун ништо не е искористено. Тоа буре мед го дава Европа. “

Со децении во Македонија се градеа и градат споменици на борци, уметници, а нема ниту еден посветен на спортист, потсетува Трпески и ги отркива содржините на идниот парк во Свети Наум:

„ На поставена карпа ќе бидат врежани имињата на спортисти и спортските работници на сите кои даваат придонес за развојот на македонскиот спорт, а наскоро ќе се изгради и мал музеј кадешто ќе биде сместена целокупната документација за спортовите на вода во Охрид .“

Од 30 000 долари наградниот фонд на маратонот падна на само 10 000 за од лани пак да ги достигне солидните 25 000. Така годинава се пријавија вкупно 26 маратонци во обете категории. Покровител е претседателот на државата Ѓорѓе Иванов .

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Симе Недевски